Беса: Владата на Заев што побргу да обезбеди праведни судски одлуки


       
Скопје, 6 јуни, 2017 - 13:55 (META) 

Со барање да се обработат, како што велат, монтираните случаи против Албанците, „Монструм“ и „Сопот“, како и со барање владата на Зоран Заев „што побргу да овозможи праведни судски одлуки и еднаш засекогаш да престане функционирањето на правдата со двојни стандарди“, се огласи денеска Движењето Беса.

Движењето вели дека и по формирањето на новата влада „за жал, има сигнали за двојни стандарди“.

– Кога го велиме ова, ги имаме предвид затворениците во два многу чувствителни судски случаи, „Монструм“ и „Сопот“, кои исто така се предмет на истрага на Специјалното јавно обвинителство, бидејќи овие случаи се спомнуваат и во прислушуваните објавени разговори од страна на сегашниот премиер на Македонија, Зоран Заев. И покрај тоа што јавно се изјавувало и има докази дека Албанците кои се жртви на овие монтирани процеси се неправедно осудени, правдата во нивниот случај задоцнува – порача партиската портпаролка Њомза Имери-Исмаили.
Таа нагласи дека расчистувањето на двата случаја било едно од предизборните ветувања на Зоран Заев кон албанските гласачи.

– Меѓутоа, и покрај овие изјави, сите бевме сведоци дека првото барање на премиерот Зоран Заев кон Специјалното јавно обвинителство не беше да се процесираат монтираните случаи „Монструм“ и „Сопот“, туку верификација на минатото на министрите од редовите на ДУИ, а дел од нив беа и дел од владините кабинети што ги монтираа овие политички случаи. И, додека Специјалното јавно обвинителство беше многу ефикасно и им беа доволни само 24 часа за верификација на минатото на министрите на ДУИ, бараме и очекуваме со иста итност да се процесираат и монтираните случаи „Монструм“ и „Сопот“, за кои има цврсти докази што ја потврдуваат невиноста на Албанците кои неправедно се држат во затвор. Движењето Беса бара од владата на Зоран Заев што побргу да овозможи праведни судски одлуки и еднаш засекогаш да престане функционирањето на правдата со двојни стандарди – рече Њомза Имери-Исмаили.