Беса се закани со граѓанска реакција, ако не се обелоденат „монтираните судски случаи“


       
Скопје, 17 август, 2017 - 16:05 (META) 

Движењето Беса денеска побара од Владата да ги обелодени „монтираните судски случаи ‘Сопот’ и ‘Монструм’“ или во спротивност „ќе се соочи со силна граѓанска реакција“.

„Инсистираме што побргу да се обелоденат познатите случаи како „Сопот“, „Монструм“ како и многу други, и вистинските виновници да се изнесат пред лицето на правдата, без разлика на нивната етничка припадност. Мора еднаш засекогаш да заврши времето кога Албанците се дежурен виновник. Движењето Беса максимално ќе се ангажира за обелоденување на сите монтирани судски процеси, да се обелоденат коруптивните афери каде се шпекулира за високи политички актери кои и сега се дел од владата. Во спротивно, граѓанската реакција ќе биде силна и Беса ќе го предводи организирањето за спречување на селективната правда на штета на Албанците и на сите граѓани во државата“, се наведува во соопштението на Беса.

Од партијата оценуваат дека разрешувањето на Марко Зврлевски од функцијата државен јавен обвинител нема да реши проблемите во Јавното обвинителство, кои како што велат од Беса се постари од периодот во кој Зврлевски ја водел оваа институција.

„Проценките на домашните и меѓународните институции, направените анализи и студии упатуваат на констатацијата дека Јавниот обвинител и Обвинителството се под силно влијание на политиката, како и многу други институции во државата. Освен сомневањата за работата на Јавниот Обвинител, кои се општи, има и сомневања за неговото постапување, особено за случаите кои се поврзани со Албанците. Во јавноста отворено се зборува за монтирани судски процеси, чии жртви претежно се Албанците. Овие монтирани судски случаи не почнале со Марко Зврлевски. Албанците постојано се прогонувани и против нив се монтирани процеси за политички цели“, велат од Беса.