!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Берово е четвртата општина што го откажа организираниот новогодишен дочек


       
Берово, 28 декември, 2016 - 10:41 (META) 

Општина Берово се откажа од традиционалниот дочек на Новата година на градскиот плоштад, а средствата ќе бидат пренасочени во хуманитарни цели.

По Велес, Скопје и Кавадарци, Берово е четвртата општина во земјава што се откажува од организиран дочек.

Станува збор за 50.000 денари кои биле наменети за настап на естрадни ѕвезди и за огномет, но овие средства ќе бидат доделени на социјално загрозени граѓани.

– Во Берово имаме и дом за деца без родителска грижа и дом за лица со посебни потреби, така што овие средства за новогодишната ноќ подобро да ги дадеме таму. Исто така, во соработка со Центарот за социјални работи, ќе обезбедиме список на лица што живеат во социјален ризик, така што ќе гледаме и ним да им помогнеме – изјави градоначалникот Драган Наџински.

Иницијативата за откажување на новогодишните прослави на градските плоштади за парите да се пренаменат за хуманитарни цели, почна во Србија.

Под влијание на апелите на македонските твитерџии на социјалните мрежи ваквата практика да се примени и кај нас, општините почнаа да размислуваат да ги пренаменат планираните средства за прослава во хуманитарни цели.

Најпрво од организиран дочек на Нова година се откажа Општина Велес, потоа Град Скопје, а потоа и Кавадарци.