Градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта, потврди дека вчеравечер имало инцидент на состанокот за избор на раководство на разгранокот на ДУИ во Струга, без да навлегува во детали, објави телевизијата „Алсат – М“.

Бејта, кој како координатор на ДУИ за Петта изборна едница го надгледувал изборниот процес во разгранокот, бил принуден да го прекине состанокот кога дошло до судир меѓу двете ривалски крила за избор на претседател на струшкиот разгранок.

– Работата на изборното собрание почна доста добро. Се избираше раководство. Периодот кога се избираше еден од кандидатите за претседател на локалниот совет се случи инцидент. Имаше туркање и го прекинав изборот- рекол Бејта за „Алсат-М“.

Заменик-директорот на УЈП, Аргетим Асани, за порталот „Порталб“ ја демантираше информацијата дека побарал лекарска помош во струшката болница, но не негираше дека синоќа имало  тепачка меѓу двете крила предводени од Рамиз Мерко и  од Арбен Лабуништа во која имало гаѓање со мобилни телефони и физичка пресметка со тупаници.