!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Бејли: УСАИД не работи против владата, нови избори не гарантираат нови резултати


       
Скопје, 18 февруари, 2017 - 20:27 (META) 

Американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли во интервју за телевизија „Сител“ изјави дека УСАИД не работи против владата, дека потребно е продолжување на мандатот на СЈО и дека нови избори најверојатно не би донеле нови резултати.

– Дека УСАИД работи за уривање на владата едноставно не е точно. Грантовите не се за поддршка на некоја идеологија или политичка партија, или било што слично. Се работи за создавање услови за активна и здрава демократија – вели Бејли.

Според американскиот амбасадор, кога се потпишувал договорот за формирање на Специјалното јавно обвинителство никој не бил свесен со колкав материјал ќе се соочи оваа институција и дека затоа меѓународната заедница се залага за продолжување на мандатот.

– Да се вратиме назад и видиме која беше поентата за формирањето на СЈО, а тоа е да донесе одговорност за содржината од наводите кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Не сум сигурен дека било кој тогаш беше свесен за обемот на работа со кој ќе се соочи СЈО. Оваа институцијата исто така се соочи со препреки и отежната соработка. Многу е важно работата да се заврши до крај и да се утврдат фактите и да се расчистат сомнежите дали и кој вршел злоупотреба – изјави Бејли.

Прашан да го соопшти неговиот став за платформата на албанските партии, Бејли рече тој нема став, бидејќи како странски фактор не се заинтересирани за било која платформа туку дека се фокусирани на реформите во Македонија и враќањето на државата на евроатлантскиот пат.

Според Бејли, ако повторно ако се спроведат избори во брзо време, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, тоа не гарантира излез од политичката криза бидејќи никој не може да гарантира резултати различни од изборите на 11 декември.

– Не е мое да одлучам која опција е вистинската. Партиите ќе мора да го направат тоа. Било која одлука, дали да се оди на владина широка коалиција или нови избори ќе бара поддршка од 61 пратеник. Јас како пријател би посочил дека нови избори не мора да донесат поинакви резултати. На „Телма“ пред неколку дена се емитуваше анкета која покажа дека граѓаните не се толку заинтересирани за нови избори. Па сметам дека предизвикот е да се владее со резултатите кои ги имаме и да видиме каде тоа ќе води. Јас не знам како ќе биде но одлуката зависи од Собранието – изјави американскиот амбасадор.