Бејли: Одговорност за настаните на 27 април, но и презумпција на невиност


       
Скопје, 30 ноември, 2017 - 11:33 (META) 

Амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли, денеска порача дека Амбасадата на САД будно ги следи настаните поврзани со случувањата во Собранието на 27 април и дека полицијата, обвинителството и правосудниот систем мора да дејствуваат транспаретно, со почитување на највисоките стандарди при изведувањето на овој процес.

– Полицијата, обвинителството и правосудниот систем мора да работат транспарентно, со почитување на највисоките стандарди. САД и Европската Унија истакнаа дека тие што се одговорни за настаните од 27 април мора да се соочат со одговорноста за случувањата, но процесот, исто така, мора да ја почитува презумпцијата на невиност – рече Бејли.

Тој нагласи дека парламентот денеска, во согласност со својата улога, води важни разговори на таа тема.

– Тоа е негова улога, да разговара за демократското владеење – нагласи амбасадорот на САД, по денешната средба во Собранието на спикерот Талат Џафери со Лаура Купер, вршителка на должноста заменик-помошник на секретарот за одбрана на САД.

Прашан дали заменик-помошникот на државниот секретар на САД, Брајан Хојт Ји, ќе биде новиот амбасадор во Македонија, Бејли изјави дека во моментов тој е американскиот амбасадор и дека колку што тој знае, засега Белата куќа нема номинирано некого за оваа позиција.

– Единственото тело кое може да потврди дали е тоа точно или не, е Белата куќа – рече Бејли.