fbpx

Бегалците од Идомени се преселија на автопатот околу Евзони

-

Бегалците од кампот на македонско-грчката граница кои одбија да заминат во организираните бегалски центри најдоа засолниште на празните простори околу автопатот кон Солун.

Илјадници луѓе сега со своите шатори се сместени на просторот на напуштени бензински пумпи околу Идомени, пред граничниот премин Евзони, во две напуштени згради на еден хотел и стара царинска зграда, како и на паркингот на хотелот „Хара“ кај Евзони.

Според официјалните бројки на грчката влада на просторот на бензинската „BP“ кај Евзони има 1.433 бегалци, а во делот кај хотелот „Хара“ 1.426 бегалци. На бензинската пумпа во близина на Поликастро каде бегалците најпрво чекаа привремено да бидат пренесени до Идомени со месеци е веќе камп каде има околу 1.900 бегалци.

Нема бројка за тоа колку луѓе се во напуштените згради и на уште едната бензинска пумпа која е во непосредна близина на Идомени.

Кинескиот уметник Ај Вејвеј на својот профил на „Инстаграм“ објави слики од бегалците сместени со своите шатори во една од напуштените згради, луѓе кои одлучиле да не заминат во грчките официјални бегалски центри.

Грчката влада најави дека следната акција ќе биде релокација на бегалците кои се на бензинските пумпи околу Идомени. Ова го најави и министерот за цивилна заштита Никос Тоскас во четвртокот, веднаш по завршување на полициската акција на Идомени, а го потврди и координаторот за справување со бегалската криза Јоргос Кирицис за весникот „Катимерини“.

– И луѓето кои се во другите неформални кампови ќе се преместат во организираните центри – истакна Тоскас во таа прилика.

УНХЦР вчера изрази загриженост за условите за живот во новите бегалски центри на грчката влада и побара што побрзо да се најдат алтернативни места за сместување. Оваа реакција предизвика контрареакција од грчката влада.

Од координативното тело за справување со бегалската криза истакнаа дека признаваат дека има недостатоци во центрите, но наместо критика очекуваат УНХЦР и практично да помогне за да се подобрат условите.

За потсетување, во тридневната акција на грчките власти од Идомени беа официјално релоцирани 3.700 бегалци, а пред почетокот на акцијата во кампот имаше околу 8.400 бегалци, што го покрена прашањето каде се останатите бегалци.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...