Македонски транспортери кои превезуваат сезонско овошје и зеленчук до Европа, се заглавени на граничните премини од Србија кон Хрватска откако Загреб ја затвори границата поради бегалската криза.
Станува збор за околу 1.000 камиони кои чекаат за влез и за излез на премините Батровце и Бајаково, кои се целосно блокирани и патничките возила се пренасочуваат кон други премини. Околу триесетина камионџии, револтирани поради предолго чекање на граница, ги блокирале влезовите.
Транспортерите трошат гориво за одржување на овошјето и на зеленчукот, а штетите може да бидат повеќекратни поради лесната расипливост на стоката, неможноста за испорака навреме и плаќање на трошоците доколку камионите се вратат назад.
– Алармантна е ситуацијата бидејќи нашите превозници се заглавени во Србија. Сите транзитни патишта кон Европа се затворени. Иако пропуштаат по три-четири камиони, сепак тоа не е ништо во споредба со 12-километарски долги колони. Доколку камионите се вратат, ќе имаат дополнителни трошоци. Се троши и гориво за одржување на смрзнатото и на свежото овошје и зеленчук – вели Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“.
Таа посочува дека возачите не само што не можат да продолжат понатаму, туку не можат ни да се вратат, а веќе им снемува вода и храна.
Според Муратовска, превозниците и извозниците треба да бидат обесштетни бидејќи и едните и другите трпат штета.
– Се откажуваат веќе договорени нарачки, а први на удар сме ние транспортерите. Потоа најзасегнати се извозниците, кои, исто така, трпат штета. Доколку се докаже штетата, треба да бидеме обесштетни – објаснува Муратовска.
Најголем дел од македонските транспортери – 95 проценти – возат низ Европа.
Ситуацијата со граничните премини, како што велат од Здруженето, постојано се менува, но она што се знае е дека во моментов постои целосна блокада на Батровце и на Бајаково.