!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Банките имаат вишок пари за кредити кои малку се бараат поради кризата, велат од НБРМ


       
Скопје, 15 март, 2017 - 14:56 (META) 

Ликвидноста во банкарскиот систем се зголемува петти месец по ред, што се должи на редовните трансакции на државата, како и на интервенциите на Народната банка на девизниот пазар за нето-откуп на девизи, велат од Народна банка.

Во услови на солидна девизна ликвидност кон средината на месецот, на меѓубанкарскиот пазар се јави вишок понуда на девизи.

– Порастот на потенцијалната ликвидност на банките, која тековно е насочена кон расположливите депозити кај Народната банка, се одвива во околности на намалена кредитна побарувачка во последниот период, што е резултат на неизвесноста поврзана со политичката криза. Во такви околности, како и поради тоа што банките немаат можности да инвестираат во други домашни долгорочни финансиски инструменти, на седницата беше заклучено да се повлече дел од овие средства, кои веќе добиваат карактер на структурен вишок на ликвидност во банкарскиот систем – велат од НБРМ.

Во однос на кредитната активност, првичните податоци заклучно со февруари покажуваат продолжување на порастот на кредитите на годишна основа и задржување на трендот на поизразено кредитирање на населението.

Последните податоци за кредитната активност упатуваат на послаби остварувања во однос на проектираните за првиот квартал на 2017 година, во согласност со октомвриската проекција.