Балканската политичка елита и Доналд Туск на самитот Брдо-Бриони во Скопје


       
Скопје, 27 април, 2018 - 10:02 (META) 

Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, седум претседатели и еден премиер ќе бидат гости на претседателот Ѓорге Иванов, кој е домаќин на самитот на шефовите на држави во Процесот Брдо-Бриони, што ќе се одржи попладнево и вечерва во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

Официјално присуство на самитот го потврдија претседателите на Хрватска, Колинда Грабар Ќитаровиќ, која е во Скопје од вчера, претседателот на Словенија, Борут Пахор, како и неговите колеги од Србија, Црна Гора, Албанија и Косово – Александар Вучиќ, Филип Вујановиќ, Илир Мета, Хашим Тачи, и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ.

Специјален гостин на состанокот, покрај Туск, е и бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Претпладнево претседателот на Европскиот Совет, Туск, во Владата ќе има средба со премиерот Зоран Заев.

Поради странските државници, безбедносната состојба во Скопје е од прв степен на готовност, со хеликоптерски надлетувања, посебен сообраќаен режим на неколку булевари и силни полициски контроли.

Главната цел на Процесот Брдо-Бриони е европска интеграција на земјите од регионот и стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички е потребата за подобрување на меѓусебната поврзаност во политичка, економска, инфраструктурна и безбедносна смисла, а во контекст на новата стратегија на Европската Унија за Западен Балкан.

Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ, Словенија.

На состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, кој ќе се одржи во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, се акредитирани 156 претставници на медиумите, 116 од Македонија и 40 од странство.