fbpx

Азири, обвинетиот во „Монструм“ тврди дека бил тепан за да го признае делото

-

Обвинетиот во „Монструм“ Хаки Азири, кој првично бил загрозен сведок, на денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1 раскажа како на први мај 2012 година бил брутално апсен, тепан, плашен, носен по полициски станици низ Македонија, но и во МВР, присилуван да признае дека помогнал тероризам, поради што и на крајот пред истражен судија дал изјава под притисок на инспектори од МВР.

-Дента кога дојдоа да ме уапсат, татко ми лежеше на подот, а полицијата го тепаше мојот малолетен брат. Кога побарав да стане татко ми, ме удрија со клоца во лице. Потоа ме однесоа во полициска станица и ме распрашуваа за 12 април. Кажував што правев дента, но ми велеа дека тоа не е вистина и дека заедно со сега обвинетите сме го извршиле убиството. Ми рекоа дека се уапсени моите роднини и дека дел од нив ќе ги убијат. Потоа ме тепаа, по што ме однесоа во една зграда, ме ставија во една канцеларија и ме врзаа за еден столб со лисици. Подоцна ми викаат дека нема да ме остават жив мене и моето семејство ако не признаам дека Алил Демири со неговите другари го извршиле убиството. Продолжија да ме малтретираат и да ми кажуваат како да сведочам – рече Азири.

Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи побара да се чита изјавата на Хаки Азири од 2 мај таа година пред истражен судија, а и да се прегледа аудиовизуелната снимка по пет дена што ја дал, за да се види, како што рече, дали имало некакви промени и повреди кај него, зашто тврдеше дека на први и деновите потоа бил брутално тепан и малтретиран.

Азири рече дека во МВР инспектори и еден со повисок чин и функција му кажале што треба да кажува пред истражен судија, ако сака да ги види живи членовите на неговото семејство.

-Ми рекоа истражниот судија е наш човек, обвинителот е наш човек, а ние ќе им речеме како да прават. Ми рекоа и да не ангажирам адвокат. Било кој од присутните во судница да го земат и да му го направат тоа што мене ми го направија ќе го признае не само ова убиство, туку и секое друго, бидејќи ми вршеа физички и психички тортури – рече Азири.

Кога се предомислил дека не сака да биде загрозен сведок рече дека бил однесен во притвор, а по шест месеци нашле друг заштитен сведок.

На 12 април, вечерта кога се случи петкратното убиство, посочи дека имал слободен ден, а инаку работел како шофер. Посочи и дека е можно тој ден да ја садел бавчата, бидејќи секој април го правеле тоа. Рече и дека е можно истиот ден да се видел и со обвинетиот Алил Демири, а за останатите средби не се сеќава. Вечерта пак бил кај негов роднина каде што играле друштвена игра.

Според обвинението тој со свое возило ги презел од „опел омегата“ прво и второобвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ веднаш по убиството. Биле со црни ракавици и фантомки, му кажале: „Направивме гомнарија, убивме човек“.

Обвинителката Фетаи побара пауза, најавувајќи дека распитот на Азири ќе трае долго. Судијата Огнен Ставрев, пак, рече дека поради тоа што на снимката не се гледа дали Азири има повреди од тепањето, на следното рочиште со посебна техника тој ќе биде зумиран.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...