!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Авторот на „Симпсонови“ го подарува своето богатство


       
Лос Анџелес, 11 ноември, 2014 - 13:17 (META) 

На коавторот на култната анимирана серија „Симпсонови“, Сем Сајмон, во 2012 година му бил дијагностициран неизлечив рак на дебелото црево. Сепак, пред да почине, тој сака да го подари своето милионско богатство.
Лекарите уште во 2012 година му прогнозирале дека има уште три месеци живот, но Сајмон одбил да ја прифати песимистичката прогноза. Наместо тоа, тој одлучил преостанатото време да го посвети на својата најголема страст – помагање на животните.

Сајмон, во интервјуто на „Ен-Би-Си“ објавено минатата недела, ја нарече својата болест „најневеројатно искуство во својот живот“, затоа што е опкружен со луѓе кои ги сака. Сега планира да донира дури 100 милиони долари за да помогне во борбата за правата на животните.

Тој тврди дека конечно е смирен и оти никогаш во животот не бил посреќен.

– Ракот е грозна болест. Таа е сè она што отсекогаш ви говореле дека ќе биде. Тоа е патување и борба. Но, ако сакате публицитет и начин да соберете девојки, ракот е најдобрата работа на светот – вели низ шега 50-годишниот Сајмон.

Тој додава дека е опкружен со луѓе кои го сакаат, се грижат за него и се подготвени да направат сè за да му помогнат.

– Тоа го нарекувам среќа. Мислам дека претходно имав проблем да им дозволам на луѓето да ми се приближат – вели Сајмон.

Своите последни месеци од животот одлучил да го помине на најдобар можен начин – помагајќи им на другите. Парите ги дава во добротворни цели за да им помогне на бездомниците и за да ги спаси животните кои во прибежиштата ја чекаат смртта. Тој си дал завет дека своето богатство, проценето на 100 милиони долари, ќе го подели пред да почине.

Сем Сајмон и Мет Гронинг во 1991 година ја создадоа хит-серијата „Симпсонови“. Три години подоцна, Сајмон се повлече од проектот поради затегнатите односи со Гронинг, но ја задржа титулата извршен продуцент. Тоа му овозможило секоја сезона да заработува десетина милиони долари, кои сега ги користи за да им помогне на животните.