fbpx

Автомеханичарите против замената на амбулантните возила според километражата

-

Со цел да се избегне ситуацијата возилата на Итната медицинска помош (ИМП) во Македонија да се расипуваат секојдневно, Министерството за здравство предвидува нов правилник, според кој овие возила ќе се сервисираат и заменуваат зависно од бројот на поминати километри.  Со овој критериум на Министерството не се согласуваат автомеханичарите, бидејќи според нив, критериум за замена и сервисирање на возилата би требало да биде векот на нивното користење и условите во коишто се возат, пишува „Порталб“.

По случаите на расипување возила на Итна помош, при што пациенти починуваа бидејќи не можело да бидат пренесени в болница, Министерството за здравство (МЗ) соопшти дека планира амбулантните возила да се исфрлаат од употреба и да се заменуваат со нови врз основа на бројот на поминати километри.

„Министерството за здравство во моментов ги разгледува опциите со цел етаблирање како систем со што преку посебен Правилник со кој децидно ќе стои дека возилото за ИМП треба да се замени по помината одредена километража. Само за илустрација имаме стари возила кои имаат и по 600.000 поминати километри“, соопшти неодамна МЗ.

„Порталб“ го посети пунктот на Итна помош во Чаир и утврди дека едното од двете возила кои се во употреба поминало 429.756 километри, а второто 208.100 километри.

Автомеханичарот Игор Трајковски има спротивен став од тој на Министерството за здравство.

Вели дека некое возило не треба да се проценува според големиот број изминати километри, туку според неговата механичка состојба. Тој вели, на пример, дека ако едното од двете возила во пунктот во Чаир има поминато релативно малку километри, тоа не значи дека е во состојба да се вози и понатаму, бидејќи веќе е многу амортизирано.

Фото: Portalb.mk

– Има еден услов, зборувам за нови возила, според кој рокот за сервисирање во нормални околности на користење e 15.000 километри во рок од една година, но има и ситуации каде рокот е секои две години. Зборувам за условите во Македонија. Да бевме во Германија, тие ги сервисираат на секои 30 илјади километри, но во какви услови на користење? Ние, на пример, ако одиме од Ѓорче Петров до Автокоманда, ќе заглавиме во Центар… Кочи – тргни – кочи. Тука имаме еден час на искористеност, но не поминуваме километри. Не може километражата да биде услов за замена на возилото – вели Трајковски.

Тој е на ставот дека сервисирањето на возилата треба да се прави на секои 15.000 километри.

– Тие што се користат во оптимални услови треба да се сервисираат еднаш годишно, но ова не значи дека поминатите километри не треба да се земат предвид, бидејќи ако едно возило поминува 40.000 километри во годината, тогаш истото треба да се сервисира два пати годишно. Под сервисирање подразбираме замена на маслото, филтрите, како и контрола. Тоа е редовно сервисирање – рече Трајковски.

Според Здравствен Дом – Скопје, возила за Итна помош последен пат се набавени во 2008 година. Трајковски вели дека тие возила треба да се заменат со нови, а предлага и да има различни возила за урбана средина и за планински терени.

-Условите на користење на повисоки места не се исти како во Центар. Tреба да се има предвид кои возила во какви услови се користат. Едно е возило што патува од Охрид кон Скопје, а друго се возилата што се возат во рурални средини. Сега зборуваме за возила кои се понови, од 2009 година навака. Исто така, треба да има критериум дека возилата за ИМП не смее да бидат постари од 10-15 години. Тука нешто не е во ред. Треба да се постават стандарди, но државата треба да го направи тоа. На пример, по пет години користење, да се купи ново возило. За услугите што се вршат по селата, треба да имаа специјални возила, а не овие што сега се користат – вели Трајковски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сојузот на синдикати најави три протести, првиот ќе се одржи во вторник

Работниците и граѓаните повеќе немаат изговор да не учествуваат на протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), рече првиот човек на Сојузот, Слободан Трендафилов, на прес-конференција...