fbpx

АВМУ: ТВ „Нова“ и „Алфа“ се пристрасни, а другите медиуми пласираат псевдовести

-

Радиодифузерите продолжуваат да ја следат веќе востановената уредувачка политика при известувањетo, при што особено се истакнува непочитувањето на професионалното начело за еднаков третман на различните гледишта, се вели во извештајот од надзорот на изборното медиумско известување за периодот од 27 август до 5 септември 2017 година, што го спроведува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Агенцијата ги издвојува ТВ „Алфа“ и ТВ „Нова“ поради начинот на известување, односно непочитување на професионалното начело за еднаков третман на различните гледишта. Притоа се одбележани и уште три други прекршувања сторени од телевизијата „Нова“.

„Во емисијата „Отворено студио“, со наслов „За или против геј бракови“, емитувана на 10 август 2017 година, телевизијата постапи спротивно на начелата за еднаквост на правата и слободите на луѓето по сите основи и за објективно и непристрасно прикажување на настаните“, се вели во извештајот.

За оваа емисија вчера реагираше и Советот за етика на медиумите, велејќи дека мислења биле камфулирани како факти и било предизвикано засилување на стереотипите.

Втората работа што е одбележана од АВМУ во врска со ТВ „Нова“ е  прилогот „Обвинителен акт против гинекологот кој презентирал лажна бременост на пациентка“, емитуван на 31 август 2017 година, кој според оценката на регулаторот не го почитувал и начелото на презумција на невиност.

За телевизијата „Алфа“ се вели дека има голем обем на информации во вестите за едно политичка опција, што укажува на непочитување на професионалното начесно за еднаков третман на различните гледишта во дневно-информативните емисии. Кај ТВ „Нова“, пак, регулаторот таков пристап забележал во целокупната програма.

„Телевизијата донесе уредничка одлука директно да ги пренесува прес-конференците на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на 3 и 5 септември. Ваков третман не добиваат прес-конференциите на ниту еден друг субјект“, се вели во извештајот на АВМУ.

Во однос на следењето на сите медиуми, АВМУ забележала создавање, како што се вели, „псевдовести“ и „псевдонастани“.

„Исто така, продолжува практиката при известувањето за комуникацијата на релација власт – опозиција, при која неретко се јавуваат „псевдонастани“, кои потоа се преточуваат во „псевдовести“, некои од телевизиите и радијата да држат дистанца од ваквата матрица, а некои од нив – да ја пресликуваат“, велат од АВМУ.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...