fbpx

АВМУ: Телевизија „Нова“, „Алфа“ и „24 Вести“ го прекршиле Иборниот законик

-

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) при надзорот на изборното медиумско претставување на радиодифузерите, констатирала прекршување на Изборниот законик кај три телевизии, односно телевизија „Нова“, „Алфа“ и „24 Вести“.

Од АВМУ посочуваат дека телевизијата „Нова“ прекршила два члена од Изборниот законик, емитувајќи платена програма на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Телевизијата го прекршила член 76, став 4, според кој радиодифузерите не смеат да емитуваат платено политичко рекламирање во вести, посебни информативни програми, образовни програми за деца и пренос од верски, спортски, културни, забавни и други настани. Истиот ден радиодифузерот го прекршил и член 75-ѓ, став 1, кој предвидува дека за време на изборната кампања и во првиот и во вториот круг од гласање, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 18 минути дополнително политичко рекламирање на час емитувана програма, исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за политичките партии на власт можат да одвојат најмногу осум минути, за политичките партии во опозиција кои се застапени во Собранието на Република Македонија можат да одвијат најмногу осум минути, за партиите во Собранието кои немаат пратеничка група можат да одвојат една минута, за политички партии кои не се застапени во Собранието можат да одвојат една минута.

Телевизијата „Алфа“, пак, со своето работење, како што констатира АВМУ, го прекршила член 75-в од Изборниот законик, кој наведува дека уредници, новинари, водители на програма и презентери ангажирани во подготвување на програми на радиодифузерите, не смеат да учествуваат во предизборните активности на политичките партии, група избирачи и нивни претставници, односно учесници во изборната кампања. Доколку се определат да учествуваат во вакви активности, нивниот ангажман во телевизиите мора да биде ставен во мирување. Телевизијата „Алфа“, на 24 ноември репризно емитувала квиз кој го води Димитар Андоновски, кој го позајмува гласот за рекламните видеозаписи на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Телевизијата „24 Вести“ го прекршила Изборниот законик во полза на коалицијата предводена од СДСМ. Телевизијата, како што велат од АВМУ, го прекршила 75-ѓ, став 2 од Изборниот законик со тоа што во неколку последователни часа, се емитувани споени блокови на платено политичко рекламирање за ист учесник во изборната кампања.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...