!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Авантуристички парк кај Плаошник, нова авантура на локалната власт


       
Охрид, 31 октомври, 2016 - 10:54 (META) 

Во боровата шума кај Плаошник, над плажата Лабино во заштитеното градско јадро, на површина од околу 500 квадратни метри, Oпштина Охрид сака да гради авантуристички парк со реквизити за забава и за рекреација, пишува порталот „Охрид њуз“.

Надлежните уверуваат дека авантуристичкиот парк нема да го наруши амбиентот бидејќи сите реквизити ќе бидат од природни материјали, за што билe информирани и позитивно мислење дале од  Заводот и музеј во Охрид.

– Сето ова е во соработка со Завод и музеј како надлежна институција и изработени се сите параметри за заштита и на животната средина и на самиот изглед на градското јадро. Одговорно тврдам дека нема да има никакви интервенции врз растителниот свет, односно врз дрвјата, ниту ќе има некоја цврста градба – вели во изјава за порталот Ѓоко Апостолов, раководител на секторот за туризам и за локален економски развој при Општина Охрид.

Вредноста на проектот кој предвидува изградба на авантуристички парк на охридското Кале изнесува 160.000 евра. Средствата планирано е да бидат обезбедени од ИПА-фондововите преку проектот „Вотер eнерџи“ што заеднички го реализираат Македонија и Грција.