fbpx

Атина: Mерките за доверба ќе дојдат во април, ќе почнат со отворање премин кај Преспа

-

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, во мерките за градење доверба со Македонија гледа добра можност да се коригираат пукнатините во меѓусебните врски и да се воспостави добра основа за подобра комуникација, доверба и можност за поконструктивни разговори за решавање на спорот за името.

Во обраќањето до собраниската Комисија за надворешни работи и одбрана, Коѕиас најави дека мерките за градење доверба би се доставиле и разговарале со македонската страна во април и, главно, би се однесувале на помалите и попрактични работи, кои може да испеглаат дел од разликите и од тензиите што постојат меѓу двете страни.

– Мерките за доверба, пред сè, ќе бидат за да се решат извесни практични прашања, второ – за да се изгради подобра доверба и трето – за да се олеснат преговорите во Обединетите нации, до степен до кој тоа би било можно – истакна Коѕиас пред Комисијата, говорејќи за ставовите околу односот кон Македонија.

Тој истакна дека овие мерки се нужни за да се најде модус вивенди и да се почне дијалог меѓу двете страни, како и да се стави крај на македонските идеи дека Грција би сакала да дојде до распад на нашата земја. Грчкиот шеф на дипломатијата забележа дека веќе има одредени размислувања и листа на мерки кои ќе бидат доставени до македонската страна. Како пример кој може да се земе предвид го посочи македонското барање за отворање граничен премин кај Преспа, што смета дека би било добра можност да се развие туризмот, економската и општествената соработка во тој регион и да се зајакне довербата меѓу граѓаните од двете страни.

– Народот во БЈРМ смета дека сакаме да ја растуриме државата. Јас немам таков став, ниту мислам дека некој друг го поддржува. Некои мислат дека сакаме да го згаснеме нивното постоење, но ниту веруваме ниту го сакаме тоа. Треба да најдеме еден модус вивенди како да почнеме дијалог со оваа држава. Дали дијалогот ќе ги реши проблемите? Не. Но, треба да се направи обид и да се понудат одредени мерки за доверба – истакна Коѕиас. Тој објасни дека мерките се однесуваат, главно, на помалите прашања за да се олесни затегнатата атмосфера и да се создаде подобра клима меѓу двете страни.

Коѕиас спомена повторно дека големиот проблем зад името е иредентизмот на македонската влада и сите активности што се поврзани и поттикнати од иредентистичките тенденции.

– Се разбира дека е потребно неколку минути за да се разбере дека таквата теза е далеку од реалноста на терен – изјавија од македонското МНР за „Мета“.

Пред два дена МНР за „Мета“ соопшти дека засега нема разговори за мерките за градење доверба бидејќи на Атина ѝ бил потребен еден месец за да излезе со предлог-мерки.

– Нема ниту паралелен дијалог ниту, пак, дијалог во рамките на ОН. Всушност, повеќе изгледа дека се работи на креирање перцепција дека процесот напредува. Во практика, досега нема никаков конкретен знак дека во Атина постои желба да се има интензивен дијалог за надминувањето на спорот и на блокадите – велат од МНР, додавајќи дека Грција е западната во стапица од претходно поставените блокади.

– Наш интерес е да се надмине оваа ситуација на нелегална блокада и да отвориме што е можно повеќе мостови со јужниот сосед. Тоа е наш интерес. Неопходни се реален пристап и волја – стои во реакцијата на МНР.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска: Членството во НАТО отвора можност за развој на науката и технологијата

„Членството во НАТО на сите членови на академската заедница- професори, истражувачи и студенти им отвора нова димензија на поддршка, на можност за соработка со колегите од сојузничките и партнерски...