Арсовска: Искористувањето на фондовите од ЕУ ќе ја зајакнат економијата на регионот


       
Софија, 18 мај, 2018 - 10:19 (META) 

Претседателката на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК),  Данела Арсовска во обраќањето нa отворањето на Виенскиот економски форум во Софија, ја истакна важноста од спроведувањето на економските реформи во Македонија во процесот на приближување до Европската Унија.

Таа додаде дека потребно е искористување на достапните фондови за да се изгради силна економска мрежа со земјите од Западен Блакан, како обединет пазар кој ќе го зајакне регионот и ќе го приближи до ЕУ.

„Спроведувањето на економските реформи во земјата со приоритет на регулаторната реформа, реформи на енергетскиот и транспортниот пазар, намалување на неформалната економија и функционирањето на пазарот како и доследност на политиките, владеење на правото за привлекување и задржување на инвеститорите, се клучни за постигнување економски раст, конкурентност и подобар животен стандард“, додаде Арсовска.

Европската Унија во консултација со земјите од Западен Балкан ја усвои декларацијата од 17 точки на самитот на ЕУ-Западен Балкан. Меѓу другото, во декларацијата се вели дека ЕУ се обврзува значително да ја поттикне поврзаноста во транспортната, енергетската, дигиталната и економската сфера.

ЕУ исто така се согласува да промовира поволна пазарна и инвестициска средина во Западен Балкан, за регионот побргу да се придвижи кон дигиталната економија и кон одржливите општества што ги почитуваат одредбите за климата во согласност со Парискиот договор.