!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Арифи: Зачестените контроли во Општина Тетово се политички мотивирани


       
Тетово, 17 февруари, 2017 - 16:15 (META) 

Контролите кои државните институции ги вршат врз органите на локалната самоуправа се политички мотивирани во пресрет на формирање на новата влада, рече градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, откако изминативе неколку недели повеќе институции под државна капа, ја проверуваа работата на општинската власт. Арифи додаваа дека ваквите контроли не се вршат во интерес на народот и градот.

– Јас не верувам дека ваквите контроли се вршат во интерес на градот. Да сакале да работат во интерес на граѓаните, државните институции би проверувале каде завршиле парите за водоводот кој се градеше подолг период, би контролирале како се отвораат казина во Тетово, дозволи кои не ги дава општината, туку државните институции – вели Арифи.

Таа додаде дека ваквите контроли се прават под диригенство на одредени поединци, кои ги злоупотребуваат државните институции за лични, односно политички цели.

Пред две недели државниот трудов инспекторат изврши контрола во канцелариите на општина Тетово, со цел да утврди дали се почитува законот за забрана за пушење.

Изминатава недела Основното jавно oбвинителство по пријава на полицијата проверуваше дали органите на Општина Тетово го почитувале законот кога издавале дозволи за летни тераси. За таа цел извршиле проверка на 74 угостителски објекти.

Цел на контроли кои ги вршат институции на државно ниво, беа и општините Гостивар и Чаир, чии градоначалници се потпретседатели на ДУИ, кои не се согласуваат партијата повторно да влезе во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Како одговор на новинарско прашање до каде се преговорите помеѓу ДУИ и СДСМ, Арифи рече дека имаат конструктивни разговори и дека немале разлика во мислењата за прашањата за ЕУ, НАТО и правната држава туку дека разликите им се за Законот за употреба на јазиците.