fbpx

Арапите бесни на Трамп, а Палестинците палат негови слики и американски знамиња

-

Телевизиската мрежа „Си-ен-ен“ на својот профил на „Твитер“ објави дека илјадници Палестинци во Појасот Газа од синоќа палат американски знамиња и слики од претседателот Доналд Трамп. Арапскиот свет негодува.

Сите светски агенции ја пренесоа веста дека одлуката на Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел предизвика осуда и жестоки реакции во муслиманските земји на Блискиот Исток.
Претседателот на Индонезија, Јоко Видодо, лидер на најголемата муслиманска земја, ја осуди одлуката на САД да го признаат Ерусалим за престолнина на Израел.

– Индонезија најостро ја осудува одлуката на САД еднострано да го признаат Ерусалим за престолнина на Израел и бара оваа земја да ја преиспита својата одлука. Тој потег може да ја разниша општата безбедност и стабилност – рече Видодо.

Премиерот на Малезија, Наџиб Разак, ги повика муслиманите во светот да се спротивстават на признавањето на Ерусалим за главен град.

– Ги повикувам сите муслимани во светот да се слушне нивниот глас и јасно да стават до знаење дека се против признавање на Ерусалим за престолнина – рече Наџиб.

Портпаролот на владата на Јордан, Мохамед ел Мимани, соопшти дека официјален Амам ја отфрла едностраната одлука на САД, нарекувајќи ја ништовна затоа што ја консолидира окупацијата на Израел во источниот дел на спорниот град.

Јорданскиот крал, Абдула Втори, изразил загриженост во телефонскиот разговор со Трамп, истакнувајќи дека игнорирањето на правата на Палестинците, муслиманите и на христијаните во Ерусалим може да предизвика ширење на екстремизмот.

Турското министерство за надворешни работи го оцени потегот на Трамп за „неодговорен“ и го повика Вашингтон да ја преиспита одлуката.

Истовремено, ирачката влада побара од САД да ја повлече одлуката за признавање на Ерусалим за престолнина на Израел за да се избегне распламтување на тероризмот.

„Предупредуваме на опасните последици од оваа одлука за стабилноста на регионот и на светот. Американската администрација мора да ја повлече одлуката за да се спречи опасната ескалација која би поттикнала екстремизам и би создала поволни услови за тероризам“, порача владата на Ирак.

И Египет ја отфрли одлуката на САД за преместување на амбасадата во Ерусалим, соопшти египетското министерство за надворешни работи и додаде дека одлуката на Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел не го менува правниот статус на градот.

Министерството за надворешни работи на Иран соопшти дека Техеран сериозно ја осудува одлуката на САД, која, како што се наведува, ја крши меѓународната резолуција.

Саудиска Арабија исто така изрази противење на одлуката на Трамп, притоа истакнувајќи дека тој „ги провоцира чувствата на муслиманите“.

И Катар оцени дека одлуката за преместување на американската амбасада во Ерусалим претставува „опасна ескалација и смртна казна за сите кои сакаат мир“. Либан предупреди дека одлуката на Трамп претставува закана за мировниот процес и за стабилноста во регионот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...