Апелација донела одлука во корист на Беса на Африм Гаши


       
Скопје, 8 јуни, 2018 - 16:04 (META) 

Апелациониот суд донел одлука во корист на крилото на Беса предводено од Африм Гаши, од каде што велат дека правдата, конечно, се вратила и дека се потврдило дека Движењето Беса им припаѓа на своите основачи.

– Апелациониот суд донесе одлука елаборирана на пет страници за поништување на првостепената судска одлука и предметот да се врати на разгледување во Основниот суд. Притоа, Апелациониот суд дава и десетина забелешки и препораки, кои Основниот суд не ги зел предвид во првостепената одлука, а тие се клучни за донесување пресуда за предметот. Затоа, денес сум тука да ви кажам дека и покрај сите измислици, шпекулации и невистини, кои беа поттикнати од тие што фалсификуваа и имиња на личности во нивна корист, сепак правдата дојде на своето место – порача генералниот секретар на партијата, Скендер Реџепи.

Од крилото на Касами реагираа дека судот донел скандалозна одлука, врз основа на фалсификувани документи, под политичко влијание откако одредени лица влегле во владата.

-Фактот дека Апелациониот суд примил фалсификувани докази, кои не се претставени во првостепена постапка, и ги примил документите со печат, кој Движењето Беса го прогласил за неважечки, докажува дека овој процес сега се трансформира во чисто политички процес. Јавно ги прашуваме судиите на Апелациониот суд – што ги поттикна да донесуваат таква скандалозна одлука на денот кога се гласаше Владата? Дали учеството во Владата на одредени лица влијаело на нивната одлука, која може да се нарече сè, но не правна и законска одлука – изјави портпаролот Абдуш Демири.

Движењето Беса се подели на две крила, едното предводено од Билал Касами, кое остана во опозиција, а другото за претседател го избра Африм Гаши и од пред една недела стана дела од владејачката гарнитура.