За прв пат по шест години, во Бугарија повторно ќе бидат доделени антинаградите „Големиот Брат“, кои се средство за посрамотување на најголемите нарушители на правото на приватност во текот на претходната година.

Антинаградите ги доделуваат граѓанските организации „Интернет општество – Бугарија“ и „Програма Пристап до информации“, кои имаат објавено јавен повик за номинации од страна на граѓаните, отворен до 24 јануари. Тие предупредуваат дека огромни количества лични податоци се собираат, складираат и процесираат, често на нелегален начин, за маркетиншки цели или заради контрола врз општеството.

Оваа година жирито, составено од познати активисти, правници, експерти за комуникации и новинари, ќе врачи две антинагради, една за приватна организација и една за државна институција, кои најмногу ги злоупотребиле личните податоци на граѓаните.

Основач на наградите „Големиот Брат“ е меѓународната невладина организација за заштита на човековите права „Прајваси Интернешнал“. Името е инспирирано од познатиот антиутописки роман на Џорџ Орвел „1984“, во кој ликот на Големиот Брат е симбол на државата која постојано ги набљудува и се грижи за своите поданици, по цена на на апсолутно огранучување на човечката слобода во сите нејзини форми. Симбол на антинаградата е војничка чизма која гази врз човечка глава, врз основа на сцена од култната книга.

„Прајваси Интернешнал“ ги има доделено првите антинагради „Големиот Брат“ во Велика Британија во 1998 година, по што слични доделувања имаат организирано и други организации за заштита на човековите права на интернет во дваесетина земји низ светот. Покрај Бугарија, за оваа година најавено е доделување и во Германија и Холандија.

Антинаградите „Големиот Брат“ за Бугарија ќе бидат јавно врачени на 3 февруари 2019 година.