fbpx

Антикорупциска не работи 7,5 месеци, Собранието расправаше за нов закон

-

Антикорупциската комисија, клучното државно тело за спречување корупција и судир на интереси, веќе седум и пол месеци не функционира откако во март последниот претседател Игор Тантуровски поднесе оставка, а од 2 април членовите беа „испратени“ на одмор на неопределено време.

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска одржа јавна расправа за предлог-законот за спречување на корупција и судир на интереси, кој треба да постави нов модел за Државната комисија за спречување на корупција.

Според заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата би броел 7 члена, кои ќе бидат професионалци и ќе бидат избирани по транспарентна постапка со административна селекција и спроведување на интервју, јавно на собранискиот канал. Кандидатите за членови на Комисијата во последните 10 години не смеат да бидат пратеници, членови на Влада, донатори на политичка партија или да вршеле функција во органи на политичка партија.

Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнел“ оцени дека новиот закон е исчекор во борбата со корупцијата и побара поддршка од пратениците за да може Комисијата да прерасне во независен орган на контрола и превенција на корупцијата.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации побара во изјавите за имотната состојба да се нотирани и дополнителните приходи од кирии, авторски права и членство во управни одбори.

Пратеникот од ГРОМ, Панчо Минов предложи на крајот од мандатот на избраните и именуваните лица да се испита потеклото на имотот.

Според последните податоци на интернет страницата на Антикорупциската комисија, која треба да брои седум членови, во моментов во нејзиниот состав се м-р Сузана Таскова Аџикотарева и Најдо Спасевски.

Новиот закон треба да постави нов модел за функционирање на комисијата, која последните неколку години речиси и не функционираше и имаше сериозни пропусти во работата.

Според министерката за правда, Рената Треневска Дескоска, новиот закон ги зајакнува ингеренциите на комисијата, која ќе има и можност да ги проверува банкарските сметки и имотот на функционерите.

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, која учествува и на јавната расправа, но и во процесот на поставување на новиот модел, нагласува дека новата комисија мора да соработува со граѓанскиот сектор, кој преку јавно испитување на кандидатите мора да го има клучниот збор во изборот на идните антикорупционери.

„Клучен чекор кон подобрена работа на антикорупциското тело како ДКСК е избор на личности со интегритет, идеја и кои ќе уживаат доверба од потенцијални партнери во медиумите и граѓанското општество“, нагласува Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

Според Платформата, новиот закон за антикорупција потребно е подобро да ги дефинира правилата за избор на членови на комисијата, чиј избор мора да биде јавен, со јавен распит на сите кандидати. Потребен е фокус на искуство покрај образованието, а особено на искуство во услови на ограничени или неповолни услови. Во новиот закон, според граѓанските организации, мора да бидат дефинирани и услови под кои членовите на комисијата можат да се разрешат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...