Анѓушев: За гасоводот на Водно има регулирана градежна дозвола и земено е кредит


       
Скопје, 31 јули, 2018 - 16:11 (META) 

Магистралниот гасовод низ Водно има регуларна градежна дозвола, за негова изградба државата има земено кредит и потпишано договори со изведувачи, одговори денеска на новинарско прашање, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Тој додаде дека станува збор за проект среде имплементација и секоја промена ќе значи одолжување на градбата на гасоводот и дополнително сечење на шума за греење на граѓаните.

– Одложувањето на изградбата на гасоводот ќе значи граѓаните да немаат алтернатива и понатаму да се греат на дрва или со други ресурси за огрев што се еколошки понеповолни и предизвикуваат поголемо нарушување на животната средина. Мислам дека треба да донесеме разумно решение. Апсолутно ги поддржуваме невладините организации кои се загрижени за Водно и сме на иста страна со нив. Сметам дека и тие ќе го препознаат овој момент за да се изнајде решение за ова прашање кое заслужува внимание – рече Анѓушев.

Тој го повтори ставот дека со промената на трасата за 60 проценти се намали сечењето на шумата на Водно.

– Владата ќе земе обврска за секое исечено дрво да засади 10 и да ја анулира штетата на начин што ќе прогласи други заштитени подрачја во тој регион. Апсолутно сме посветени, по имплементацијата на проектот за изградбата на гасоводот состојбата по период од две-три години да биде подобра од таа што денеска ја имаме пред имплементацијата на гасоводот – додаде Анѓушев.