fbpx

Анѓушев: Владата со анексот за автопатот Кичево – Охрид заштеди 95 милиони евра

-

Со третиот анекс-договор помеѓу Владата и кинеската компанија „Синохидро“, главниот изведувач на работите на автопатската делница Кичево-Охрид, по една година преговори, Владата заштедила 95 милиони евра, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешната прес-конференција.

-Денеска на владината седница го усвоивме третиот анекс на договорот за автопатот Кичево-Охрид со кој се дефинитивно се решаваат сите проблеми во градењето и со кој очекуваме интензивно да продолжи изградбата на автопатот. Бевме соочени со веќе потпишан договор, кој беше со потешкотии во своето функционирање. Имавме две можности, едната да се прекине изградбата, со што ќе бевме приморани да ги вратиме средствата кои веќе беа потрошени за проектот, да останеме без автопат, како и да платиме сериозни пенали поради лошиот проект кој беше усвоен од претходната Влада. Втората можност беше да се продолжи со изградбата на автопатот, но претходно да се доведе во технички и финансиски исправна состојба, за која се одлучивме како Влада – објасни Анѓушев.

Вицепремиерот рече дека согласно цените кои се наведени во основниот договор, вкупниот износ за дополнителни и непредвидени работи ќе изнесувал 282 милиони евра, но во преговорите биле постигнати значително пониски цени, односно 187 милиони евра, што е заштеда од 95 милиони евра.

Анѓушев образложи дека само за поправка на косините во должина од 30 километри, се планирани дополнителни трошоци од околу 70 милиони евра, а за тунелот, кој наместо во карпа е пробиен во земја, се потребни дополнителни зафати на 4 километри и дополнителен бетон и челични потпори.

Како што објасни министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, со новиот анекс-договор изведувачот се согласува не само да изгради девет клучки, за да може жителите од населените места долж автопатот да се приклучуваат на него, а кои претходно не беа предвидени, туку и алтернативен пат од Пресека до Арбиново како составен дел на овој проект.

-Исто така изведувачот ќе ги изведе и сите дополнителни работи во тунелот Пресека, сите пропусти за вода на целата траса, како и ископите за стабилизација на косините и санација на свлечиштето на целата траса. Откако овој Анекс ќе влезе во сила, Изведувачот има рок од 28 дена да изготви детална програма за работа според реалните услови на терен согласно договорените позиции – нагласи Сугарески.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...