Анѓушев: Странските компани кај нас купуваат само еден отсто од репро-материјалите


       
Скопје, 21 февруари, 2018 - 15:45 (META) 

Странските компании во Македонија набавуваат само еден процент од потребните репро-материјали од македонски компании, истакна денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Тој додаде дека потребно е таа соработка да се зголеми, за бенефитите да ги почувствува македонската економија.

– Според структурата на странските директни инвестиции, не е секогаш возможно странските компании да набавуваат производи од македонските. На пример, ако автомобилска компанија увезува кабли, и при тоа имате македонска компанија која произведува кабли, странската треба да ги праша крајните корисници, кои најчесто се големи автомобилски компании, дали тој производ може да го набават од тука – изјави Анѓушев.

Тој потенцираше дека Владата, преку Фондот за иновативност издвојува средства за малите, средни и иновативни компании кои сакаат да воведат ново производство со 70 проценти од поврат на вложените средства. Вицепремиерот објасни дека  тоа подразбира и доколку компаниите се одлучат да произведуваат нешто за потребите на странските компании.

Претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер, рече дека македонските комапнии треба да го напуштат моделот на производство и барање на пазари, туку да се прилагодат на условите на барањето на пазарот.

– Домашните компании треба да ја слушаат побарувачката од страна на странските компании, а не само да нудат нешто на пазарот. Треба да стапат во контакт со странските  инвеститори да видат што се бара на пазарот и да ги задоволат нивните потреби – рече Петер.

Тој додаде дека ја поддржуваат транспарентноста и подеднаквата поддршка на домашните и странските компании во планот за економски пораст.

Професорот Роберт Миновски од Машинскиот факултет во Скопје рече дека предвидени се долгорочни проекти во времетраење од шест месеци до една година со кои интензивно ќе се работи на конкретни проблеми во реалната индустрија и во реалните производствени процеси.

Целта е домашните компании на крајот од процесот да бидат на повисоко ниво на нивната компетитивност и да можат да остварат полесна соработка и со странските директни инвестициии, но и со останатите фирми во светот.