Анѓушев: Мора да се промени начинот на греење – гасификацијата е најдобро решение


       
Скопје, 28 декември, 2017 - 16:10 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев одговарајќи на пратенички прашања денеска во Собранието рече дека според истражувањата најголем загадувач е затоплувањето на домаќинствата, а потоа следуваат автомобилите па индустријата.

– Проблемот со загадувањето треба да се реши со дејствување врз изворите, а не врз последиците. Мораме да го измениме начинот на греење. Не може на дрва, сецкан ќумур или гуми да се греат домаќинствата. Единствен начин како да се реши тоа е да се заменат горивата. А како? Така што таму каде што има горива кои прават полуција на ПМ10-честички, да се заменат со горива кои не го прават тоа. Затоа гасификацијата е важна – рече Анѓушев.

На прашање на пратеникот од Алијансата за Албанците Сурија Рашиди дали некои лица се заштитени пред законот, премиерот Зоран Заев рече дека нема да има ни „п“ од правна држава ако некој е заштитен пред законот.

– Оваа влада се што затекна како криминал го процесираше до Јавното обвинителство. Станува збор за десетици предмети, а на ОЈО е да каже дали има можност да се отворат постапки и да се процесираат предметите без разлика од која партија се луѓето инволвирани. Ниту сум помислил ниту сум добил информација дека некој влијаел врз ОЈО или СЈО за некој предмет – рече Заев.

Рашиди му реплциираше дека Алијансата за Албанците ќе продолжи да ги поддржува реформите во правосудниот систем и дека ќе се бори да нема заштитени пред законот.

На прашањето што се случува со проектот Скопје 2014 година, министерот за култура Роберт Алаѓозовски рече дека проектот е вирус кој е ставен во карантин и е секоја постапка околу негова понатамошна реализација е запрена.

– Работната група прави темелна анализа бидејќи има голем број на проекти, измешани се надлежностите на институциите врз нив па затоа на секој проект ќе му се пристапи поединечно. Работната група изработи елаборати за споменикот на Ќосето, за Воинот на коњ и за Порта Македонија. Тие се испратени во општините кои треба да ги истражат во детали. Процедурата за отстранување на спомениците мора да биде прецезино разгледана за да не се соочиме со тужби со кои дополнителни би бил оптоварен буџетот. Треба да внимаваме на забелешките на СЈО дека отстранувањето треба да се врши без оштетување и уништување затоа што спомениците претставуваат докази во нивни постапки – рече Алаѓозовски и додаде дека кога ќе има доволно докази ќе бидат поднесени и тужби до одредени функционери.