!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Анѓушев: Мора да направиме држава во која ќе владее правото


       
Куманово, 2 август, 2017 - 13:29 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, денеска се обрати на свеченоста по повод првото заседание на АСНОМ, во Меморијалниот центар во Пелинце.

Тој рече дека во државотворната историја и континуитет на еден народ, декларациите, документите, усвоените одлуки и резолуции се важен момент, но она што е уште поважно се визионерските принципи.

–  Граѓаните на Македонија ги утврдија и се определија за сопствените стратешки цели – членството во НАТО и Европската Унија, соодветно на современите прифатливи безбедносни и економски концепти. Предолго бевме надвор од тие текови. Дел од причините беа објективни, но дел од проблемите се генерираа и однатре – рече Анѓушев.

Осврнувајќи се на пораката од Крушевскиот манифест, рече дека мора да направиме држава во која ќе владее правото.

– Нема да биде тоа држава во која главните виновници и криминалци ќе бидат избегани, а луѓето ќе лежат во затвор за ситни прекршоци. Тоа мора да биде држава со економски просперитет за сите граѓани и во која нема да се делиме – порача Анѓушев.