Анѓушев: Иднината на енергетиката е во обновливите извори


       
Берлин, 18 април, 2018 - 10:52 (META) 

Вицепремиерот Кочо Анѓушев во обраќањето на Самитот за енергетска транзиција и дијалог за обновливи извори за енергетска сигурност што се одржува во Берлин рече дека иднината на енергетиката е во обновливите извори.

– Клучниот предизвик е како да се развиваат енергетските капацитети од обновливите извори и притоа да се воспостави механизам со тоа да не се влијае врз цената на електричната енергија што ја плаќа крајниот корисник, додека дополнителен предизвик е како енергијата од обновливи извори да се избалансира во енергетскиот систем – рече Анѓушев.

На сесијата „Придонес на обновливите извори во енергетската сигурност“, Анѓушев истакна дека со новиот закон за енергетика во Македонија се воведува систем на „премии“ – модел кој поттикнува инвестиции и зголемување на учеството токму на обновливите извори.

Тој дополни дека малите земји, кои произведуваат недоволно електрична енергија за сопствените потреби и мора да увезуваат, треба да работат на енергетско поврзување со соседните и други земји и да воспостават транспарентни механизми за алокација на преносните капацитети.

Заклучокот на панелистите беше дека се потребни јасни правила, технологија и финансии за развој на капацитети од обновливи извори на енергија.

На самитот се присутни министри и еминентни експерти за енергетика меѓу кои Марош Шефчовиц, словачки дипломат и заменик-претседател на Европската комисија од 2014 година, како и Петер Алтмајер, министер за економски прашања и енергија на Германија.
За време на Самитот, вицепремиерот Анѓушев оствари средби со повеќе министри за енергетика.