Анѓушев и граѓаните ќе ја разгледуваат трасата на гасоводот низ парк-шума Водно


       
Скопје, 7 јуни, 2018 - 9:44 (META) 

На повик на вицепремиерот Кочо Анѓушев, вчера, претставници од граѓански инцијативи се сретнаа со него, заедно со директорот на МЕР, Бајрам Реџепи, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и шефот на неговиот кабинет, Никола Наумоски, во просториите на Владата.

„Некој го довел во заблуда вицепремиерот дека се работи за шума од 600 метри до максимален потег од еден километар која би се исекла при изградба на гасоводот на Водно. Податоците на граѓанските иницијативи и теренското разгледување на трасата предводено од изведувачот „Рапид Билд“ укажуваат на сосема друга, далеку подраматична состојба за степенот на уништување на шумите и биодиверзитетот кој би настанал при изградбата на гасоводот во парк-шума Водно“, се вели во соопштението на граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.

Во него се додава дека вицепремиерот Анѓушев иницира да се оди заедно по трасата на Водно за да се направи увид на штетата која би настанала. Терминот ќе се утврдува понатаму.

Граѓанските иницијативи остануваат на ставот дека се против изградбата на гасовод низ парк-шумата Водно. Една од причините како што велат, е што парк-шума Водно е заштитено подрачје, дом на загрозени, ретки и ендемични видови.

Од таму велат дека имајќи предвид дека постои алтернативно решение кое поминува од северната страна на Скопје и кое било разгледувано во 4 од можните 5 варијанти на оваа траса, штетите нанесени на парк-шума Водно се неоправдани.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев, пак, на прес-конференција рече дека ако се промени трасата на гасоводот од Водно, изградбата ќе се одложи до пет години и треба да се вложат сите средства уништувањето на зеленилото да се сведе на минимум, а потоа сè што ќе биде уништено да се санира и да се надомести со ново зеленило.