fbpx

Ангеловска-Бежоска: Очекувам заживување на економијата и на кредитната активност

-

Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска оцени дека по забавените банкарски активности во претходните две години, оваа година се гледа забрзување на активноста на банкарскиот систем, што може да се согледа преку порастот на депозитната база, но и преку кредитната активност.

–  Во минатите две години бевме сведоци на прилично забавена кредитна активност која не беше одраз на економски фундаменти, туку на неизвесност. Со постепено стабилизирање на состојбите, се гледа заживување и ние очекуваме преку мерките да се обезбеди стимул и интензивирање на кредитната активност до крајот на годината – рече Ангеловска Бежоска.

Во врска со порастот на домашниот бруто-производ од 3,1 процент, гувернерката рече дека тоа е под проекцијата на Народна банка на пораст од 4,1 процент во вториот квартал, но сепак укажува на позначајни поместувања кај економската активност.

За остварување на растот од 3,2 проценти на годишно ниво, Ангеловска-Бежоска потенцираше дека зависи што ќе се случува следниот период. Таа додаде дека имало потфрлање во сегментот на инвестициите и клучна точка понатаму ќе биде ревитализација на инвестициониот циклус во економијата.

Министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека добрите движења во финансискиот се пресликани и во реалниот сектор.

– Одлично е што економијата се движи во позитивна насока. Сите макроекономски индикатори тоа го укажуваат. Во првата половина индустриското производство има пораст пет проценти. Кај извозот имаме сериозно позитивно движење од 14 проценти. Странските директни инвестиции во првата половина се 325 милиони евра, двојно повисоко од просекот од претходните три години. Стапката на невработеноста е намалена од 21,6 на 21, 1 проценти. Имаме пораст на платите од 5,6 проценти. Приходите во буџетот се согласно нашите проекции, имаме ликвидност и обврските ги извршуваме во најкус можен рок. Повратот на ДДВ на фирмите е рекорден во август, најголемо враќање на месечно ниво во последните пет години, и изнесува 2,7 милијарди денари – рече Тевдовски.

На новинарско прашање во врска со падот на бруто-инвестициите и градежништвото Тевдовски додаде дека има простор за подобрување, за во наредните квартали да се обезбеди раст и во тие сектори.

За бавната реализација на капиталните инвестиции над 300 милиони евра, министерот за финансии подвлече дека во втората половина ќе дојде до забрзување на реализацијата.

Тевдовски рече дека не се очекува ребаланс на буџетот и дека државата има капацитет да се достигне проектираниот пораст од 3,2 проценти.

Комитетот за финансиска стабилност констатирал дека лани финансиската стабилност на целиот систем се одржувала во адекватни рамки.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...