Ангела Меркел телефонски разговарала со Заев и со Ципрас


       
Скопје, 22 мај, 2018 - 13:54 (META) 

Германската канцеларка вчера телефонски разговарала со македонскиот и со грчкиот премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас, потврдиле за „Дојче Веле“ од прес-службата на германската канцеларка.

Од Берлин доаѓа само потврда дека канцеларката Ангела Меркел телефонски разговарала и со македонскиот и со грчкиот премиер. Темите и други детали не се соопштуваат, но разговорите се реализираат само два дена откако македонскиот премиер Заев на македонската јавност ѝ соопшти дека предлог-решението за името е „Република Илинденска Македонија“ и откако веднаш потоа стигна студениот туш од Атина преку соопштение на грчката влада – дека треба да се најде име што ќе има географска или временска одредница.

Германската канцеларка Меркел на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија имаше одвоени средби со Зоран Заев и со Алексис Ципрас, по што порача дека се радува што слуша дека „добро напредуваат разговорите меѓу Македонија и Грција”.

– Обете земји сторија многу во правец на значителен напредок, иако сѐ уште не се на целта – рече таа минатиот четврток.