Анализа и инфографик: Не ги заслуживме бесплатните учебници


       
Скопје, 9 октомври, 2018 - 11:22 (META) 

Државата речиси 10 години наназад обезбедува бесплатни учебници за сите основци и средношколци во Македонија. Искуството и праксата низ годините покажаа дека децата и родителите не се грижат добро за нив, но одговорност за таквата ситуација сносат и одговорните во институциите, кои не наоѓаат начини тие да бидат поквалитетно изработени и печатени.

Пред 10 години, државата им ги подели првите нови комплети учебници на сите основци и средношолци во Македонија. Тогаш, министерството за првпат ги откупи авторските права и стана сопственик на учебниците. Во период од првите седум години, за оваа намена беа потрошени повеќе од 40 милиони евра.

Пишува: Антонија Поповска

Проектот „Бесплатни учебници“ започна да се реализира во учебната 2008/2009 година, кога министер за образование и наука беше Перо Стојановски. Тогаш, министерството за првпат ги откупи авторските права и стана сопственик на учебниците. Во период од првите седум години, за бесплатни учебници за сите ученици државата потроши повеќе од 40 милиони евра. Учениците од прво до трето одделение учат по Кембриџ наставни програми и единствено тие немаат обврска да ги вратат учебниците на училиштето на крајот на учебната година. Другите треба да ги вратат учебниците на училиштето.

Родителите да ги купуваат сами, зашто така подобро ќе ги чуваат

Уште на почетокот имаше реакции дека учебниците не се изработени квалитетно и дека лесно се кинат, се разделуваат страниците и лесно се оштетуваат. Нови учебници кои во настава се користат само една година, на крајот од истата се веќе целите распарталени. Речиси ниеден учебник не го преживеа „здрав“ законски предвидениот рок од пет години за негово користење – сите се испокинаа пред време. За ова секако придонесува и фактот дека децата не се грижат добро за нив, а грижата не е на задоволително ниво бидејќи се „државни“.

Свеста кај родителите и учениците не е на потребното ниво, велат вработените во училиштата, и порачуваат дека кога самите би си ги купувале, како до пред повеќе од 10 години, тогаш сигурно и грижата за нив би била поголема. Ако знаат дека треба да ги продадат на старо откако ќе ги искористат, логично е во таков случај грижата за нив низ учебната година да биде поголема, велат од училиштата.

Генерално, луѓето немаат однос кон сето она што државата го дава бесплатно на користење. Уште еден ваков случај е и третманот на компјутерите кои беа дел од проектот „Компјутер за секое дете“, кој доживеа фијаско уште во првите години, бидејќи учениците ги крадеа деловите од куќиштата, без за тоа да сносат одговорност.

Сите процедури околу набавката да се прават преку лето

И оваа учебна година се повтори практиката од изминатите години – доцнеше испораката на готови учебници, иако училиштата уште во мај во тековната година им доставуваат списоци со потребен број учебници за наредната учебна година на одговорните во Министерството за образование и наука. Оваа практика на доцнење треба да се напушти, бидејќи логично е на почетокот на учебната година учениците пред себе да ги имаат потребните помагала, а не да ги чекаат со недели и месеци. Одговорните имаат доволно време во текот на летото да ги средат овие работи, да печатат и обезбедат сè што е потребно навреме, пред 1 септември. Недозволиво е во октомври да се чека испорака на дури 22 нови учебници.

Исто така, во иднина не смее да се случува средношколци од стручните училишта да учат од скрипти, од стари учебници и да се импровизира. Потребно е државата да ги мотивира професорите во училиштата за средно образование, за да седнат и да напишат учебници за потребите во наставата, бидејќи тие се најстручните за тоа.

Истражувањето на „Мета“ покажа дека основците учат Информатика од учебник издаден во 2010 година, што е апсурдно, со оглед на тоа дека технологијата се развива брзо, па таа содржина е комплетно неупотреблива.

Фактографија

Министерството за образование и наука првпат ги откупи авторските права и стана сопственик на учебниците

За период од седум години, за бесплатни учебници за сите ученици, државата потроши повеќе од 40 милиони евра, што значи дека годишно за оваа намена се трошат по повеќе од пет милиони евра

Учениците од прво до трето одделение учат по Кембриџ наставни програми и единствено тие немаат обврска да ги вратат учебниците на училиштето на крајот на учебната година

Тогашната опозиција обвинуваше дека Кембриџ тежи 12 милиони евра, а власта тврдеше дека договорот со Центарот за наставни програми Кембриџ чини 790 илјади евра

Уште во почетокот имаше реакции дека учебниците не се изработени квалитетно и дека лесно се кинат, се разделуваат страниците и се оштетуваат

Речиси ниеден учебник не го преживеа „здрав“ законски предвидениот рок од пет години за негово користење – сите се испокинаа пред време

Сегашното раководство во ресорот образование, кој е столб во општеството, ветува дека ќе настојува во иднина да се изработуваат што поквалитетни учебници, за да бидат потрајни и за да можат подолго да се користат во наставата. Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов во разговор за „Мета“ изјави дека проблемот со учебниците е комплициран зашто во целиот процес биле вклучени многу комисии, цела Педагошка служба при МОН, издавачки куќи, печатници.

– МОН напорно работеше да изготви измени во многу учебници. Политиката на Министерството за образование и наука наназад со години е дека треба да има бесплатни учебници. Сето тоа предизвика државата да треба да издвојува многу финансии за таа намена, но во секој случај, политиката на бесплатни учебници за сите ученици продолжува. Ќе настојуваме да бидат што подобри во однос на квалитет. Моја интенција е во пониските нивоа на образование учебникот да биде главно помагало, но во секоја наредна година мора да се изнаоѓаат и нови алатки и извори на информации. Учениците неопходно е сами да учат да експериментираат и да истражуваат. Во средното образование, пак, има мали тиражи и мала популација ученици и затоа нема мотивација кај добрите експерти и професори да изработат учебник. Затоа планот е да ги мотивираме повеќе. Кога предметите се поопшти, полесно е да се изработи учебник, но тоа е потешко кога се работи за стручен предмет. Се надевам дека со професорите кои се професионалци во одредени области ќе изнајдеме решение за проблемот со недостиг од учебници во средното стручно образование – изјави Атанасов.