!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Американскиот секретар за здравство, љубител на луксузни авиони, поднесе оставка


       
Вашингтон, 30 септември, 2017 - 10:17 (META) 

Секретарот за здравство и социјална заштита на САД, Том Прајс поднесе оставка откако беше покрената истрага за неговите патувања со скапи чартер летови, кои го налутија претседателот Доналд Трамп.

„Секретарот за здравство и социјална заштита Том Прајс ја понуди оставката и претседателот ја прифати“, се наведува во соопштението на портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс. Изјавата ја дадоа помалку од еден час откако Трамп на новинарите им изјави дека Прајс не понудил да поднесе оставка, но дека неговата судбина ќе биде решена подоцна во петок.

Трамп изрази разочарување поради тоа што американскиот министер за здравство летал со  скапи приватни чартер летови при извршување владини обврски. Прајс имал 26 одделни патувања оваа година со приватни авиони, во вкупна вредност од околу 400.000 долари, наведува Политико.

– Не сум среќен, тоа можам да ви кажам, не сум задоволен – изјави Трамп вчера пред новинарите.

Министерот Прајс беше на функцијата помалку од осум месеци.