!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Американска амбасада во Софија: Бугарија сè уште не е подготвена за безвизен режим со САД


       
Софија, 10 февруари, 2017 - 16:05 (META) 

Бугарија сè уште не ги исполнува условите за безвизен режим со Соединетите Американски Држави. Бројот на одбиени барања за визи минатата година бил 15 отсто од вкупниот број на барања, а условот за добивање безвизен режим е одбиените барања да бидат под три отсто. Ова денеска го објасни генералната конзулка на САД во Бугарија, Кејт Мекгур, но увери дека миграциската политика на новиот американски претседател Доналд Трамп на ниту еден начин нема да влијае на бугарските граѓани.

Републиканското мнозинство во Конгресот на САД пред неколку дена предложи бројот на издадени зелени карти да се намали за половина, а популарната годишна лотарија да запре.

Инаку од 2000 година наваму биле издадени повеќе од 100.000 американски визи на млади граѓани на Бугарија за студентски претстој во САД.

Американската амбасада во Софија, инаку, објави конкурс за најдобра видеоснимка од доживувањата на студентите кои претстојново лето ќе одат во САД, во рамките на програмата за работа и за престој во земјата. Годинешниот конкурс на американската амбасада е на тема „Доживеј го својот сон“.

„Интервјуто е лесно. Неопходно е добро познавање на англискиот јазик, што ќе им овозможи на студентите да се справат со секојдневните задолженија, да се редовни студенти на акредитиран универзитет, да имаат валидна понуда за работа, како и да понудат гаранција дека ќе се вратат во Бугарија по завршувањето на програмата“, рече Мекгур.

Амбасадорот на САД во Бугарија, Ерик Рубин, денеска им ги врачи визите на првите четворица учесници во годинешната програма за работа и за патување во САД.