Амбасадата на САД до вработените: Избегнувајте ги местата каде може да има протести за референдумот


       
Скопје, 27 септември, 2018 - 11:16 (META) 

Амбасадата на САД во Македонија ги предупредува своите вработени да го избегнуваат делот околу Собрание и градскиот плоштад за време на референдумот.

Од таму како критични датуми и точки ги посочуваат Собранието на 27 септември (денеска) од 19 часот како и Собранието и централниот градски плоштад на 30 септември на денот на референдумот од 19 часот.

„Различни групи имаат намера да протестираат против претстојниот национален референдум за договорот од Преспа за името меѓу Македонија и Грција, кој ќе се одржи во недела, на 30 септември. Спонтани, ненајавени демонстрации може да се случат и во Скопје и во други делови од земјата во текот на овој период. Му советуваме на персоналот на американската влада да се избегнат секакви места каде може да има демонстрации“, стои во соопштението од амбасадата на САД во Македонија.

Од амбасадата препорачуваат вработените да ги избегнуваат деловите каде што се одржуваат протести, да се информираат од локалните медиуми за новости, да избегнуваат гужви и демонстрации, да не се истакнуваат, да ги известуваат пријателите и семејствата за нивната безбедност и да бидат внимателни на нивните опкружувања.