fbpx

Алма Јанка: Најдобар лек против дезинформациите е медиумската едукација

-

 

Во интервју за Порталб.мк, Алма Јанка, главната уредничка на Faktoje.al, служба за проверка на факти (fact-checking) во Албанија, вели дека најдобриот лек против дезинформирањето е медиумската едукација. Според неа, треба да постои дух на поголема соработка меѓу медиумите и другите актери кои влијаат на медиумскиот пазар, да се почитува кодексот на професионалната етика, принципите на новинарството и да не се дозволат содржини кои имаат за цел само зголемување на бројот на кликови, а немаат никаква содржина. Јанка вели дека политиката во Албанија честопати е базата за ширење лажни вести.

 

Кои се најчестите медиумски манипулации и дезинформации кои циркулираат во Албанија

-Верувам дека најчестите медиумски манипулации и дезинформации во Албанија се тесно поврзани со политичкиот спектар. Голем дел од политичарите се обидуваат да манипулираат со информации поврзани со економските случувања, со состојбите во здравството, образованието, инфраструктурата, политичките збиднувања. Медиумите (но не сите, туку само дел од нив) преку манипулација, се обидуваат да ја сокријат вистината, а пак преку дезинформирање да ја релативизираат вистината. Медиумските манипулации, но главно дезинформациите во Албанија наоѓаат погодно тло, за жал, најчесто кога се прави обид некој коруптивен случај што одекнал во јавноста или скандал од големи размери да се „покрие“ со друг скандал. Политиката и политичарите во Албанија, според мое мислење, честопати стануваат протагонисти на такви ситуации. Медиумите се исто така одраз на општеството, на една земја, и како такви не може а да не бидат алатка за манипулација или дезинформација.

Како се бори вашиот медиум со напливот на дезинформации што се шират во медиумите и пошироко?

-Faktoje.al е сервис за проверка на факти, тоа е онлајн-медиум кој верификува изјави и тврдења изнесени во различни области на животот. Faktoje.al се бори со напливот на дезинформации што се шират во медиумите и пошироко, обидувајќи се пред публиката да ја изнесе единствено вистината, и тоа, секогаш и во секој случај базирано само на факти. Со цел да се минимизираат, што е можно повеќе, невистинитите или лажните информации, Faktoje.al оди и подалеку од еднострано пренесување на вест (било да е тоа изјава или прес-конференција, податок или статистика), и истата ја проверува во повеќе од еден извор, за што подобро да ја утврди вистинитоста или лагата. Изнесувајќи ја вистината (дури и ако е таа горчлива) пред јавноста, нудејќи неоспорливи факти, Faktoje.al им овозможува на луѓето да направат разлика, и, зошто да не, и да го направат вистинскиот избор, им помага да бидат поселективни или пак им кажува кој што прави, кој лаже или кој ја кажува вистината.

Дали постои лек против ширењето дезинформации?

– Многу би сакала да кажам дека постои, но верувам дека овој „лек“ не е целосно лековит, што значи дека дури и ако постои, не функционира. Сепак, би сакала да бидам оптимист во овој поглед. Сметам дека најдобриот лек е медиумската едукација, но исто така мора да имаме дух на поголема соработка меѓу медиумите и другите актери кои влијаат на медиумскиот пазар, почитување на кодексот на професионалната етика, почитување на принципите на новинарството, да не се дозволуваат статии чија цел е единствено зголемување на бројот кликовите, а немаат никаква содржина. Потоа, потребно санкционирање или кривично гонење на случаите каде дезинформацијата преовладува над веста, или регулирање на правната рамка за да се спречи дезинформирањето или лажните вести, итн. Покрај тоа, јас би ја додала и индивидуалната совест. Ова последново може да направи чуда…

Има ли Владата на Албанија план за борба против дезинформациите и колку е таа активна околу ова прашање?

-Дури и албанската влада да има таков план, се чини дека не се видоа ефекти досега. Јас верувам дека постои постојан обид за дезориентација на јавноста, во време кога таа јавност има потешкотии да ја дознае вистината, а во не малку случаи јавноста е манипулирана од самата влада. Сегашната влада уште на почетокот на своето владеење (2013) тврдеше дека се водела интензивна пропаганда за дезинформирање на јавноста или граѓаните за да се создаде чувство на недоверба и несигурност. Мислам дека ваквата ситуација продолжува и се провлекува кај граѓаните, од целокупниот албански политички спектар, а не само владата. Faktoje.al е добра работа која им помага на граѓаните во овој поглед.

Албанската влада имаше иницијатива преку изготвување нацрт закони за регулирање на интернет медиумите, но двата нацрт-закона беа оценети како цензура на слободата на говор. Исто така, колку што ми е познато, албанската влада минатата година предложи и измени во законите поврзани со медиумите.

Дали во Албанија има судски случаи за поттикнување и предизвикување опасност, паника или општ страв во јавноста преку ширење дезинформации и говор на омраза?

-Не можам да зборувам со целосна компетентност за ова прашање, бидејќи немам сознанија за конкретни случаи, но според тоа што го знам, нема некоја судска постапка.

Колку се активни албанските медиумски здруженија во борбата против дезинформирањето? 

-Мислам дека медиумските здруженија можеле и порано, но и сега, да направат повеќе во оваа насока и секогаш има простор за подобрување. Сепак, не недостигаат иницијативи, активности или различни дејствија на организации или здруженија кои работат во борбата против дезинформирањето. Во овој аспект, на пример, презедовме серија активности во рамките на т.н. „Пакет анти-клевета” на владата на Рама, порано од останатите медиумски организации и други засегнати страни, со образложение дека овие два предлог закони се закануваа да ја претворат Албанија во недемократска земја, и беа сериозна закана за слободата на изразување и не решаваа ниту еден од постојните медиумски проблеми, вклучувајќи ги и говорот на омраза, клеветата, пропагандата или дезинформирањето.

Како се претставува Македонија во албанските медиуми?

Верувам дека Македонија добива соодветно внимание во албанските медиуми. Општо земено, тие што управуваат со медиумите, имаат тенденција и предиспозиција да дадат доволно простор за развојот на настаните во регионот, а Македонија беше многу важен дел во овој поглед. Билатералните односи, постигнувањето на серија договори и соработката меѓу двете земји во различни области, средби и разговори меѓу лидерите или големите политички случувања таму во последно време, а и други причини, доведоа до тоа Македонија да биде доволно претставувана во албанските медиуми и објективно.

Дали се случува да има дезинформации за Македонија во албанските медиуми и кои се најчести?

-Не би се осмелила да ги генерализирам сите албански медиуми и да кажам дека во нив има дезинформации за Македонија, но можно и да се случило. Јас избирам да се информирам од различни медиумски канали (традиционални медиуми или не), но не можам да ги следам сите, за да дадам точен одговор на ова прашање. Можеби порано имало повеќе дезинформации во врска со прашањето на спорот за името со Грција или други чувствителни прашања, но не би сакала да изнесувам лично мислење за ова.

Во последно време имаше протести на опозицијата, пораки од власта, опозицијата и меѓународните претставници … дали овој проблем се претставува реално во албанските медиуми?

-Вистина е дека во нашата земја имаше серија протести (и не само од опозицијата, бидејќи неодамна се одржаа и студентски протести). Ако ги третираме албанските медиуми како целина, би рекла дека проблемот е претставен во нив, но ако зборуваме за одредени медиуми, мислам дека проблемот се претставува според интересите на секој од медиумите (зависно од политичките ставови на сопствениците или уредниците на медиумите кои подржуваат една од спротивставените партии). Верувам дека во Албанија има малку медиуми кои ја претставуваат реалноста каква што е.

Дали има недостатоци во законот за медиуми или медиумското законодавство во Албанија? Кои се од проблемите и што може да се направи за да се подобри оваа законска рамка? Дали одлуката на владата да ги затвори или запре игрите на среќа имаше влијание врз медиумите?

-Мислам дека законот за забрана на обложувањето или игрите на среќа имаше влијание врз медиумите, особено кај еден дел од нив, бидејќи дел од директните или индиректните финансии во овие медиуми доаѓаа од овие бизниси или од рекламите. Мислам дека законот има некои празнини и дека правната рамка треба да се ревидира. Според мене, треба да се одржат средби и разговори со претставниците на медиумите со цел да се истакнат проблемите и да се види што може да се подобри. Потребни се кампањи за подигање на свеста или информативни кампањи со соодветните чинители како медиумите, институциите и разните тела кои постојат се во служба и функција на медиумите.

Некои од проблемите со кои се соочуваат медиумите во Албанија, според мене се: концентрација на медиумите во рацете на власта или, со други зборови, користење на медиумите како четврта власт, како алатка или инструмент од страна на останатите три власти; манипулирање со вистината и дезинформирање со цел да се одвлече вниманието на јавноста; недостиг на доверба во медиумите; известување што е далеку од новинарските стандарди и, во не малку случаи, базирано на лични мислења и перцепции, а без ни малку објективност. Потоа тука е и борбата за кликови, како и на пр. Scoop-овите што се користат во насловите, а немаат воопшто врска со веста.

За да се избегне сето она што го реков погоре, „Faktoje.al“ работи напорно за да ја понуди само вистината, притоа одржувајќи и користејќи ги највисоките стандарди на новинарството. Мораме да сториме сè да се „продава“ вистината, а не дезинформирањето, треба да се трудиме да се кликне вистината, а не манипулацијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел возврати со напад врз Иран, Иран не планира да одговори

Израел утрово лансираше воздушен напад во близина на иранскиот град Исфахан, велат американски извори за Си-би-ес, а пренесува Би-би-си. Нападот доаѓа шест дена по нападот на Иран во Израел, кога...