Алијанса за Албанците и БЕСА на Касами ќе поднесат амандмани за Албанците


       
Скопје, 22 октомври, 2018 - 17:11 (META) 

Алијанса за Албанците (АА) и крилото на БЕСА предводено од Биљал Касами ќе поднесат амандмани за албанскиот јазик и за преамбулата, во текот на расправата за уставните измени кои се прават поради исполнување на обврските од Преспанскиот договор, јави „Порталб“.

ДУИ, крилото на БЕСА предводено од Африм Гаши, НДП и ДПА сметаат дека сега не е време за поднесување амандмани, туку е многу побитно да се отвори евроатлантскиот пат за Македонија. Артан Груби од ДУИ дури најавите за „албански амандмани“ ги нарече „неписмен, незналечки фолклоризам на ситните партии, отсуство на политичко-партиски идентитет, недостиг на знаење, некреативност и за неуспешен обид да се наметнат како фактор на мала врата, но го немаат клучот да го отклучат“.

БЕСА на Касами ќе поднесе амандмани за целосна еднаквост на Албанците во Македонија и целосна официjализација на албанскиот јазик, а не како што се наведува сега, за „јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните“.

-Како политичка партија најавивме дека ќе бидеме дел од процесот на усвојување на уставните измени, при што ќе интервенираме со уставни амандмани за подобрување на правата на Албанците. Не можеме да прифатиме по 27 години да ги оставаме овие права за „подобри времиња“. Цениме дека сега е времето да се отворат овие прашања. Го поддржуваме Договорот од Преспа, но напоредно ќе интервенираме со амандмани откако Владата ќе го достави предлогот. Не кажуваме ништо ново, нема нови работи. Ќе бараме целосна еднаквост на Албанците во Македонија, Албанците не може да се третираат како малцинство и ќе бараме албанскиот јазик да биде официјален – вели Фадил Зендели, заменик на Касами, за „Порталб“.

Тој не кажува дали својата поддршка за другите амандмани ќе ја условат со поддршката на нивните.

И Алијанса за Албанците, како што претходно најавуваше, ќе поднесе амандмани за албанскиот јазик и за преамбулата на Уставот.

– Ние предупредивме дека ќе поднесеме амандмани, но првин ќе го видиме владиниот предлог, за да видиме што содржи, и потоа ќе решиме. Ќе поднесеме амандмани за преамбулата и за албанскиот јазик – изјави пратеникот Сурија Рашиди за „Порталб“.

Албанските партии од владината коалиција, пак, порачуваат дека сега е најважно да се донесат уставните измени за да стапи на сила Договорот од Преспа и да се отвори евроатлантската патека на Македонија. Артан Груби од ДУИ порачува дека амандмани за албанското јазично прашање и за менување на преамбулата ќе бидат само дневно-политичка пропаганда и се „продавање магла“.

-Амандмани треба да се поднесуваат само за предложените членови на Уставот, а не и за други нешта. Овој неписмен, незналечки фолклоризам на ситните партии зборува за отсуство на политичко-партиски идентитет и зборува за недостиг на знаење, некреативност и за неуспешен обид да се наметнат како фактор на мала врата, но го немаат клучот да ја отклучат. Оние што ги затвораа очите и молчеа кога се остваруваа националните права, денес, заостанати и со незнаење, откако преспаа 15 години, се обидуваат да продаваат магла. Патот на земјата кон НАТО и ЕУ не смее на никој начин да биде попречен, а најмалку за сувопарна пропаганда – вели Груби во изјава за „Порталб“.

И од БЕСА на Африм Гаши велат дека е битно да се усвои Преспанскиот договор и, според нив, сега нема поголем интерес за Албанците од влезот на Македонија во НАТО.

Весел Мемеди од НДП, вели дека не треба процесот на спроведување на Договорот од Преспа да се условува со други амандмани, оти тоа би им служело на деструктивните сили во земјава и во регионот.

И од ДПА велат дека не е променет нивниот став дека ќе го поддржат Договорот од Преспа, пишува „Порталб“.