fbpx

Алекс Рондос пред кривичниот суд за проневера на девет милиони евра

-

Мистериозниот грчки дипломат Алекс Рондос, со кој се поврзани шпекулации за тајна дипломатија со македонската влада за спорот за името, ќе биде изведен пред суд под обвинение за проневера на девет милиони евра од грчкото Министерство за надворешни работи. Се работи за корупциски скандал кој ја потресе Грција минатата година. Според обвинението, преку невладината организација „Интернешнл мајн инишијатив“, која работела на отстранување мини во Босна, Ирак и Либан, биле проневерени девет милиони евра. Парите со кои е оштетена грчката држава се сомнева дека биле користени за лично богатење на првиот човек на организацијата, Константинос Ѕевелекеос, кој е главниот осомничен во случајот и веќе една година е во притвор.

Рондос, кој важи за еден од најмистериозните дипломати во грчкото Министерство за надворешни работи и за поранешен соработник на Јоргос Папандреу, заедно со уште седум други осомничени учесници во невладината организација ќе бидат изведени пред кривичниот суд во Атина за да одговараат за кривичното дело измама и оштета на државата за голема сума за нелегално збогатување. Против обвинетите има обвинение за лажни потврди, злоупотреба на должност, поседување оружје, перење пари и за фалсификување документи.

Грчкото обвинителство издаде налог за приведување и за апсење на дипломатите во февруари 2014 година. Тогаш Рондос беше пуштен на слобода со кауција од 50.000 евра, а според информациите, во своја одбрана изјавил дека одлуките за работата и правните рамки на невладината организација биле носени на централно политичко ниво бидејќи биле поврзани со спроведување на конкретна надворешна политика. Со ова тврдење, Рондос ја префрла вината на сметка на тогашниот министер за надворешни работи, Јоргос Папандреу, и на неговиот тогашен заменик-министер, Андреас Ловердос. Рондос, од јули 2002 до јануари 2003 година, раководел со Службата за меѓународна развојна соработка во Министерството за надворешни работи и бил одговорен за финансирањето на невладините организации во Грција. Дипломатот, кој се смета дека е одговорен за проневера на два милиони евра, го отфрла обвинението со објаснување дека неговата функција како директор на службата не опфаќала надлежност за проверка на легалноста на документите за одобрување на финансирањето на организациите. Според информациите во грчките медиуми, Рондос тврди дека за одредени документи бил фалсификуван неговиот потпис и од сите документи кои се вклучени во обвинителниот акт, тој се има потпишано само на две одобрувања за финансирање, додека другите со кои се одобруваат средства не се потпишани од него, туку од некој кој го фалсификувал неговиот потпис.

Според информациите, во обвинителниот акт стои дека финансирањето на оваа НВО се одвивало без да се почитуваат законите поврзани со финансирање невладини организации. Невладината добивала финансии од 2000 до 2004 година, а се смета дека тие биле користени за други конкретни цели наместо предвидените, односно за отстранувањето мини од повоени подрачја. Исплаќањето на парите одело без соодветна контрола за потрошените средства, без извештаи за напредокот на проектите и без никаква потврда од амбасадите дека навистина се спроведени проектите, а при тоа биле прифаќани потврди на српски и на арапски јазик без никаков превод.

Грчкиот аналитичар Такис Михас минатата година преку своја колумна за порталот „Протагон“, постави сериозна дилема дали можеби оваа НВО го финансирала поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, во периодот кога бил во бегство. Михас во колумната спомена дека човекот кој најмногу го штител Караџиќ, Душан Тесиќ, при неговото апсење во 2005 признал дека од 2001 работел како соработник за грчка НВО, која работела на деминирање на регионот. Оваа информација, според Михас, укажува на можната вмешаност на невладината во која бил Рондос со Караџиќ. Грчкиот аналитичар споменува дека невладината била и под лупа на СФОР, а портпаролката на меѓународниот суд во Хаг, Флоренс Хартман, во разговор со него истакнала дека грчки пари се трошеле за да се заштити бегалецот Караџиќ.

За потсетување, Рондос во Грција го поврзуваат со шпекулации за тајна дипломатија со Македонија за време на последниот мандат на Папандреу како премиер во 2009 година, без согласноста на тогашниот министер за надворешни работи, Димитрис Друцас. Името на Рондос во Атина се поврзува и со случајот за помагање на српската опозиција за уривањето на Слободан Милошевиќ. Рондос важи за мистериозен дипломатски гениј, кој како сенка поминува низ Министерството за надворешни работи. Роден е во Танзанија, образуван на Оксфорд, а минатата година работеше во ЕУ како специјален пратеник на бароницата Кетрин Ештон за регионот на Рогот на Африка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...