!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Акција на турската полиција за апсење на 70 војници поради поврзаност со Ѓулен


       
Анкара, 10 октомври, 2017 - 12:00 (META) 

Турската полиција денеска почнала акција за апсење на 70 војници обвинети за поврзаност со имамот Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, а кого властите во Анката го обвинуваат дека го организирал минатогодишниот обид за воен удар, јавуваат турските агенции.

Акции против приврзаници на Ѓулен во Турција се спроведуваат речиси секој ден, веќе 15 месеци, а само минатата седмица беа приведени околу 800 лица.

Ѓулен досега ги демантираше сите обвинување дека стои зад обидот за воен удар, кој се случи во јули минатата година.

Цел на денешната полициска акција, која, според агенциите, се спроведува во градот Конија, во централниор дел на Анадолија, и во уште седум провинции, се и двајца полковници, седум капетани и 36 поручници.

Шеесет и двајца од осомничените се припадници на турското воздухопловство, а некои од нив се и пилоти. Полицијата врши претреси во нивните домови и на работните места.

Повеќе од 50.000 лица во притвор го чекаат судењето против нив поради повразност со Ѓулен, а 150.000 лица се отпуштени или суспендирани од работните места во јавниот и во приватниот сектор.

Обидот за воен удар во Турција се случи на 15 јули минатата година, а во судирите загинаа 250 лица.