fbpx

Ако се договорат, ни Уставот не ги спречува партиите да ги поместат локалните избори

-

Според измените во Изборниот законик од јануари 2014 година, локалните избори во Македонија, наместо во втората половина на март, се одржуваат во првата половина на мај, но и оваа календарска одредница може да претрпи измени бидејќи прашањата околу локалните избори не се целосно уредени со Уставот туку со закон, кој го носи Собранието.

„Изборите за членови на совет и за градоначалник се одржуваат секоја четврта година истовремено во сите општини, во првата половина во месец мај“, стои во член 16, став 1 од Изборниот законик.

Поради тесните резултати од изборите на 11 декември лани, кои не овозможуваат формирање на стабилно парламентарно мнозинство и го доведуваат во прашање составот на идната влада, сè поизвесно е дека годинава ќе има нови предвремени парламентарни избори.

Ако тоа биде случај, тогаш можни се три сценарија:

  • Парламентатните избори да бидат заедно со локалните, кои, според членот 16, став 1 од Изборниот законик, треба да се одржат во мај;
  • Одржување на предвремени парламентарни избори рано напролет или по локалните, летоска или наесен;
  • Одржување и на локалните и на предвремените парламентарни избори заедно, на датум кој ќе го договорат партиите, а кој не мора да биде во првата половина на мај.

За спроведување на кое било од овие сценарија, изборите треба да ги распише претседателот на Собранието, кој и две недели по конституирањето на новиот пратенички состав, не е избран.

Ако партиите се договорат за последното сценарио, Уставот не ги спречува да ги направат неопходните измени во Изборниот законик и да направат поместување на локалните избори.

„Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија“, се вели во амандманот 16 од Уставот.

Не е исклучена и можноста ваквите измени да бидат донесени и да важат само за конкретниот случај и да се однесуваат само на овие избори.

Ваков преседан беше направен пред локалните избори во 2013 година, кога на неколку недели пред изборите беа направени измени во Изборниот законик заради продолжување на роковите за регистрација на кандидати.

Имено, по насилното исфрлање на членови на опозицијата и на медиумите од Собранието во текот на расправата за буџетот на 24 декември 2012 година, СДСМ почна со бојкот на парламентот, а на 2 јануари 2013 година партијата објави дека ќе ги бојкотира и локалните избори ако не им бидат исполнети неколку барања.

Изборите беа распишани на 11 јануари, бојкотот на СДСМ на локалните избори заврши на 1 март кога Европската Унија посредуваше за постигнување договор меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Бранко Црвенковски, а следниот ден Собранието на итна седница го продолжи рокот за регистрација на кандидати за учество на изборите до 8 март за да им овозможи на опозициските кандидати да се регистрираат.

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски за „Мета“ вели дека нема потреба од поместување на локалните избори и дека заедно со нив во мај треба да се одржат и нови предвремени парламентарни избори затоа што тоа го налага актуелната ситуација.

„Во една ваква ситуација логично е локалните избори и новите предвремени избори за пратеници да се одржат заедно и на еден трошок. Локалните избори не би требало да се одложуваат. Проблеми околу спроведувањето на двата избори не би требало да има, освен можеби што покомплоцирано ќе биде печатењето на гласачките ливчиња. Доколку и локалните и предвреените парламентарни избори се одржат заедно, тоа ќе придонесе за поголема излезност на гласачите, а крајниот исход ќе го зголеми легитимитетот на победникот“, смета Кекеновски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Фотографија од Макрон е креирана со вештачка интелигенција

Ако внимателно ја набљудувате фотографијата на Емануел Макрон, забележливо е дека е создадена од вештачка интелигенција. На пример, претседателот на Франција има неприродно долги прсти на десната рака, а...