АХВ: Запленети повеќе од тон генетски модифицирани соја и ориз


       
Скопје, 9 август, 2018 - 14:56 (META) 

Вкупно 510 килограми соини шницли и соини трошки произведени во Србија со генетски модифицирана соја и увезени во Македонија, по откривањето се повлечени од продажба, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.

Во мај, пак, се откриени 550 килограми генетски модифициран ориз произведен во Кочанско од увозно семе. Оризот бил пронајден во магацин на операторот, но не се знае кој е  е производителот. Фирмата што го увезла добила казна од 5.000 евра, а одговорното лице во фирмата 1.700 евра, појасни Атанасов.

На барање на увозникот на соините шницли и трошки, во моментов се врши суперанализа во референтна лабораторија.

– Првата анализа покажа дека има присуство на ГМО, но по закон операторот има право да побара суперанализа – потенцира Атанасов.

Тој рече дека АХВ почнува засилени контроли за присуство на генетски модифицирани организми (ГМО) во храната. Сепак, директорот на АХВ вели дека во ЕУ е дозволено пуштање во продажба храна со ГМО, но тоа мора да биде јасно назначено на пакувањето. Тој забраната на ГМО направена со закон во 2015 година, со која се забрани консумирањето на производи со ГМО до влегувањето на земјава во Унијата ја нарече „политичка одлука“.

-Во светот се консумра и се произведува храна со ГМО. Науката треба да го каже последниот збор колку е тоа штетно -рече Атанасов.