АХВ со засилени контроли на увозот на бразилско месо


       
Скопје, 6 јануари, 2018 - 11:04 (META) 

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информира дека, на бразилската компанија „Сеара алиментос“ (Seara Alimentos LTDA) која извезува месо и во Македонија, и е одземена лиценцата за извоз и е избришана од регистарот на овластени извозници на месо од Бразил.

АХВ информацијата ја добила преку Министерството за надворешни работи, каде што пристигнало известување од дипломатско-конзуларното претставништво на Федерална Република Бразил во Софија, дека на компанијата и е одземена лиценцата за извоз и оти е избришана од регистарот на овластени извозници на месо.

„По минатогодишните случувања и истрагите во месната индустрија во Бразил, АХВ е во постојана комуникација со амбасадата на Македонија во оваа јужноамериканска земја, со која се разменуваат информации за случувањата во месната индустрија, за што се информираат и стопанските комори во земјава. Увозот на месо во Македонија се врши исклучиво од одобрени земји за увоз и од одобрени објекти“ се вели во соопштението на АХВ.

Од таму додаваат дека секоја пратка на увозно месо, задолжително е проследена со ветеринарно-здравствен сертификат со кој се гарантира безбедноста.

„Контролите на граничните премини од инспекциските служби на Агенцијата се засилени со цел спречување на евентуален влез во земјава на пратки со месо од Бразил, кои потекнуваат од објекти кои се забранети за извоз“, се додава во соопштението.