Ахмети: Надвор од НАТО, Македонија тешко ќе опстои


       
Тирана, 12 септември, 2018 - 10:18 (META) 

Референдумот на 30 септември е печат кој му дава вредност на мирот, стабилноста и ќе се затвори едно поглавје која трае веќе 25 години. Ова е референдум за НАТО, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети во емисијата „Опинион“ на тиранската телевизија „Клан“.

Тој вели дека Албанците се во својата земја, во нивната држава и затоа ќе гласаат „за“ Договорот со Грција.

Лидерот на ДУИ исто така вели дека треба да се има разбирање за другиот во заедничката земја.

– Додека живееме во една држава, ние треба да внимаваме за историјата и идентитетот на другиот. Јас не сум за реваншизам. Ние треба да упатиме порака дека не сакаме да владееме, или да бидеме арбитри на други проблеми. Сега е време за зачленување во НАТО и почеток на преговорите во ЕУ – истакна Ахмети.

Идентитетот на нашите сограѓани Македонци и самата Македонија, додава Ахмети, тешко дека ќе опстојат надвор од НАТО и ЕУ.

– И Македонците се уморни од блокирањето на интеграцијата на земјата, така што атмосферата генерално е позитивна – истакна Ахмети.