!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ахмети: Меѓународна истрага и анкетна комисија во Собрание за случајот „Диво Насеље“


       
Скопје, 6 ноември, 2017 - 19:14 (META) 

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на средба со францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние, му кажал дека очекува за случајот „Диво Насеље“ да биде вклучена меѓународна истрага, да биде формирана анкетна комисија во Собранието и да има целосно расветлување на вистината.

Како што се наведува во соопштението на ДУИ, соговорниците разговарале за локалните избори, политичката ситуација, реформските процеси во Македонија, како и за евроатлантската интеграција на земјата.

„Во однос на реформите, Ахмети рече дека ДУИ останува посветена да ги води реформите во Собранието и во Владата, како услов за продолжување на реформскиот процес со истиот интензитет по завршувањето на изборите. Ахмети говореше и за интензивирање на напорите за надминување на споровите со соседите и за отворање на нашиот пат кон Брисел. Периодот пред нас припаѓа на спроведувањето на политиките кои се поддржани од граѓаните“, се вели во партиското соопштение.