Аерозагадувањето во Тетово – приказна која постојано се повторува


       
Тетово, 2 ноември, 2018 - 13:29 (META) 

Тетово и понатаму се бори со загадувањето на воздухот и е на листата на најзагадени градови во светот. Ситуацијата посебно се влошува кога започнува грејната сезона, бидејќи голем број на граѓани се греат на дрва. Информациите дека во Македонија се дише најзагаден воздух во Европа, од страна на Светската здравствена организација предизвикаа низа реакции кај граѓаните. Велат, најмногу се загрижени заради здравјето на децата.

„Најлошо е рано наутро и навечер, кога најмногу се чувствува лоша миризба и чад. Што ќе биде кога ќе се започне со масовно греење. Многумина веќе и си заминаа заради ваквата состојба. Општината не презема ништо, само се гради, а овој хаос навистина е неиздржлив“, се жалат Тетовци.

Од невладината организација „Еко Герила“ велат дека информациите објавени деновиве, се од студија направена годинава, но користени се податоци за Тетово од 2013 година. Сепак, тоа не значи дека нема загадување. Проблемите кои го предизвикуваат аерозагадувањето се уште стојат.

-Истото се повторува секоја година. Важно е во Тетово да се реализира процесот на гасификација. Има премногу стари возила, кои не исполнуваат стандарди. Нема јавен превоз, помалите фабрики, особено оние за производство на мебел многу го загадуваат воздухот, како и отпадоците, кои ги има во изобилие. Не знам по кој пат се повторува овој проблем и се апелира до општината за преземање мерки. Бараме поголема контрола од општината и институциите. Вака изгледа дека надлежните се плашат да реагираат кај сопствениците на фабриките заради губење на гласови или поддршка од нив. Очигледно е дека некои фабрики се штитат заради други цели – вели Аријанит Џафери од „Еко Герила“.

И во текот на измината вечер, во Тетово беа измерени речиси 77 микрограми на метар кубен ПМ10 честички во воздухот, а дозволени се 50. Во наредниот период се очекува бројката енормно да се зголеми.