!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Омбудсманот Саша Јанковиќ потврди дека ќе се кандидира за претседател на Србија


       
Белград, 26 декември, 2016 - 11:04 (META) 

Српскиот народен правобранител, Саша Јанковиќ, денеска изјави дека ќе се кандидира за претседател на Србија, кога ќе бидат распишани изборите, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

– Ќе бидам кандидат на граѓаните. Како и досега, ќе си ја работам својата работа строго според законите и Уставот. Во Србија треба да постои ред, а не неизвесност и страв – изјави Јанковиќ.

Тој оцени дека Србија е држава на нефункционални институции, без владеење на правото и на социјалната правда, без слобода на медиумите, постои нетранспарентност и корупција.

Јанковиќ додаде дека во државата треба да се изградат европски вредности, законот да важи за сите и да биде посилен од чија било политичка волја, а фирмите да се отвораат поради добри услови за работење, а не поради тајни договори со државата.

Претседателските избори во Србија треба да се одржат напролет. Можни кандидати засега се досегашниот претседател Томислав Николиќ, лидерот на радикалите и поранешниот хашки затвореник Војислав Шешељ, поранешниот шеф на дипломатијата Вук Јеремиќ и лидерот на социјалистите Ивица Дачиќ.