Адвокатот на Тарчуловски се сомнева дека Кацарска е роднина со некој од оштетените


       
Скопје, 19 септември, 2018 - 13:32 (META) 

Адвокатот на пратеникот Јохан Тарчуловски, Антонио Апостолски, побара изземање на судијката Добрила Кацарска бидејќи се сомнева дека таа е во роднински врски со некој од оштетените во предметот за упадот во Собрание на 27 април минатата година.

Судијката побара да го образложи ваквото барање, а тој рече дека во текот на денот ќе достават докази до судот. Апостолски, исто така, рече дека Кацарска тенденциозно го води предметот.

Судијката даде пауза од 1 час за претседателот на судот да одлучи за барањето.

Досега сведочеше само еден од предвидените четири сведоци, вработен во Собранието задолжен за електронскиот систем, вклучување на микрофоните и на системот за гласање.

По паузата, треба да сведочи пратеникот Ферид Мухиќ.