Адвокатите на Канческа – Милевска ги спорат вештачењата на СЈО, следното рочиште на 13 март


       
Скопје, 21 февруари, 2018 - 13:02 (META) 

Со приговори на одбраната околу вештачењето на доказите и за надлежноста на Специјалното јавно обвинителство помина првото рочиште од судскиот процес за случајот „Тендери“, во кој првообвинета е поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска.

Претседателот на судечкиот совет на Кривичниот суд во Скопје, Осман Шабани, го прекина рочиштето и следното го закажа за 13 март, кога ќе треба да се произнесе по приговорите на одбраната.

Адвокатите Сашо Дуковски и Еленко Миланов, на почетокот на денешното рочиште, реагираат до судот околу вештачењето на „ЕОС консалтинг“, кое го оценија како неообјективно. Според нив, станува збор за вештачење на поддржуница на италијанска, односно странска компанија, која не може да врши вештачења. Тие ја оспорија и лиценцата на потписникот на вештачењето, Страхил Глигоровски, која важела до 17 април 2017 година, а вештачењето било изготвено на 30 мај, истата година. Лиценцата на Глигоровски му била продолжена кон средината на јули 2017 година. Поради ова адвокатите бараат изземање на вештачењето и негово издвојување од другите материјали во предметот.

Адвокатката Сања Алексиќ рече дека барале од СЈО да им бидат предадени аудио-материјалите кои се дел од доказите, но, оти тоа не било направено, поради што сега бараат копии од нив. Алексиќ рече дека преку вештаци, кои ќе ангажираат, ќе бараат да се утврди дали прислушуваните разговори се монтирани и дали се целосни или се прекинати.

Адвокатите бараат и да се провери надлежноста на СЈО, односно дали тоа може да постапува во овој случај.

На приговорите на одбраната реагираше обвинителот на СЈО, Стевчо Донев, кој рече дека дел од нив биле изнесени и при поднесувањето на обвинението, но Советот за оценка на обвинителен акт ги одбил како неосновани. Во врска со приговорот за вештачењето, тој наведе дека кога била дадена наредбата за вештачење двајцата вештаци имале важечки лиценци.