Администрацијата за десет години не научи како се подготвуваат закони


       
Скопје, 31 октомври, 2018 - 9:55 (META) 

Македонската администрација за цела деценија не научи соодветно да ги подготвува новите закони со што граѓаните би имале увид во тоа, какво влијание би имала новата регулатива врз секојдневието, односно какви ќе бидат трошоците од спроведувањето на новите законски одредби.

Речиси десет години по воведување на алатката „Проценка на влијанието на регулативата“ (ПВР), земјава не може да потврди релевантни резултати. Тоа го покажува Анализата на квалитетот на формуларите за проценка на влијание на регулативатa издадена од Институтот за демокрактија „Социетас Цивилис“ – Скопје.

„Нацрт–извештаите за проценка на влијанието на регулативата(ПВР) не содржат доволно податоци што на носителите на политики би им овозможиле формирање решение базирано врз докази, а на граѓаните пак целосен увид во проблемите, во можните решенија и во трошоците од нивното спроведување“, вели Наталија Шикова, авторка на анализата.

Во анализата се укажува дека постои евидентен јаз меѓу барањата постојни во документите за проценка на влијанието на регулативата и реалната практика.

„Повеќе од очигледно е дека ПВР и нејзините алатки (анализите, вклученоста на засегнати страни, итн.) се употребуваат сосема површно и тоа откако политиките и регулаторните одлуки веќе се направени. И покрај теоретската надмоќ, евидентно е дека во практиката ПВР се гледа само како вежба за „чекирање на квадратчиња“ (checking the boxes) и се занемаруваат сите други релевантни аспекти поврзани со анализа на одредена политика. Оваа констатација не важи само за импактите што тешко се проценуваат па најчесто и се изоставаат, туку речиси за сите можни влијанија. Оттаму, се чини дека ПВР повеќе се користи само формално, односно служи за да легитимира однапред определена акција или чекор, отколку да обезбеди навистина балансиран доказ во прилог или против планираната политика“, се вели во анализата.

Во оваа анализа се укажува дека политичката посветеност при спроведувањето на процесот е клучна, но најверојатно не постои целосна посветеност и сфаќање на важноста од проценка на влијанието на регулативата.

„Ова се огледа при слабиот квалитет на пополнувањето на извештаите за проценка на влијаниет на регулативата, потпишани од највисоките функционери на институциите. Оттаму, јасно е дека наместо обезбедување информирано решение и носење одлуки засновани на докази, во најголемиот дел од случаите ПВР се спроведува за да се оправдаат различни иниституционални или политички интереси“, пишува во анализата.

Во неа се констатира дека во економските фактори целосно се занемаруваат односно не се спроведува ниту стандардната анализа на придобивките – трошоците, ниту мултикритериумската анализа.

Како решение на овие проблеми се препорачува креаторите на политики да ги проценат и да ги измерат алатките што им се на располагање, и да определат како најдобро да ги употребат и да ги комбинираат за да постигнат конкретни резултати. Исто така, се укажува дека администрацијата треба да биде подложна на постојан тренинг за да стекне аналитички способности и да биде во можност да направи издржана анализа.